Дали цел свет може да ја победи Америка?

Што ако затворањето на владата на САД предизвика нова рецесија во светот (што е комплетно очекувано ако ова продолжи), и што ако заради ова на остатокот од светот му пукне филм и реши да се пресмета со Американците.

Хипотетичката ситуација Вајс ја разговара со Дилан Верке, аналитичар за американските вооружени сили во компанијата IHS Jane.

Главен проблем е нуклеарниот капацитет на САД, кој Американците го имаат распоредено на земја, воздух и вода. И додека воздушните капацитети се најранливи, најголема работа ќе завршат нуклеарките сместени на подморници, кои се сметаат за сегмент со најголема шанса за преживување во случај на напад. Кој и да е непријател на САД ќе треба да биде подготвен да истрпи нуклеарен напад или да развие одбранбен ракетен систем кој е невозможно да се направи со сегашната технологија.

Под претпоставка дека некако успеале да го совладаат нуклеарниот капацитет на САД, проценката е дека земјата и понатаму ќе може да ја спречи копнената инвазија.

"САД е единствената земја во светот што има капацитет да испорача масовна воена сила на кој било дел на планетата. Заедничкиот капацитет на остатокот од светот не би бил доволен за тие да можат да стапнат на американска почва. Капацитетот за амфибиски напад на светските војски, без САД, едноставно е премногу мал.

Ова значи дека непријателот би требало да користи цивилни летала и бродови кои не се направени за таква намена. На овие бродови би им требале бази во Канада и Мексико, бидејќи тие немаат капацитет за да испорачаат луѓе и опрема на брегови без пристаништа. Заради ова, кој било обид за инвазија на САД, прво ќе изгледа како караван на цивилни бродови и летала.

Ако овие сили успеат да го избегнат американскиот напад и да се стационираат, дури тогаш ќе можат да започнат напад на копно," објаснува Верке.

И покрај слабите теоретски шанси за копнена инвазија, доколку сето ова би и успеало на армијата на светот, најпогоден терен за влегување во САД не се американските брегови туку мексиканската граница. Сепак тука проблемот ќе биде што најголемата база на САД за тенкови и оклопни возила се наоѓа во Тексас.

Иако инвазијата преку Канада би била полесна, проблемот е што од тука ќе може да се влезе само со лесна пешадија, плус овој дел од САД (западниот брег, бидејќи на источниот се големите езера) нема некои големи центри или важни стратешки точки, бидејќи таму се најголемиот дел од националните паркови.

На крајот и покрај се' светот нема капацитет за да ги освои САД.

"Ако сфатив правилно, твоето прашање е дали заедничките сили на светот се доволни за да го освојат САД? Краткиот одговор е - не. Потребни се логистички ресурси кои остатокот од светот едноставно ги нема.

Главниот проблем тука е географијата. Како што руската степа ги проголтува армиите, така и океаните околу САД завршуваат работа. Без разлика на бројноста или оружјето, тоа мора да биде испорачано преку Пацификот или Атлантикот за да може да се користи. Тука поморските и воздушните сили на САД би уништиле кој било противник, пред тој воопшто да допре до брегот на САД.

Тука е и вториот проблем, а тоа е технологијата. Едноставно нема доволно носачи на авиони и воени бродови во остатокот од светот за тие да може да ја совладаат американската морнарица. Нема доволно воени авиони за да можат да стекнат воздушна супериорност против американската авијација. Ете колку денес е не балансирана воената моќ во светот," разјаснува аналитичарот.

Бидејќи главниот проблем е географијата, Верке смета дека светската армија би требала да го заобиколи ова и да и им наштети на САД со тоа што ќе ги нападне во вселената и ќе ги уништи сите воени сателити на земјата, додека истовремено ќе изведат и сајбер напад во кој ќе се парализираат комплетните комуникации и мрежите на Американците.

Сепак конечниот исход ќе биде негативен за остатокот од светот, бидејќи тие повторно нема да можат да извршат копнена инвазија и да ги освојат САД.

5 октомври 2013 - 15:07