Информацијата е од протечен депеш, во кој се наведува дека центарот за контраразузнавање на ЦИА разгледувал десетици случаи во изминатите неколку години кои вклучуваат кодоши што биле убиени, заробени или најверојатно компромитирани.
Признавајќи дека регрутирањето шпиони е високоризична активност документот алармира за проблемите што агенцијата ги има изминативе години со странските кодоши, вклучувајќи недоволна подготвеност; премногу верување на сопствените извори; потценување на останатите светски разузнавачки агенции и избрзување во регрутирањето информатори при што не се обрнува доволно внимание на потенцијалните контраразузнавачки ризици, проблем што во документот се нарекува ставање на „мисијата пред безбедноста“.
Иако ЦИА има изобилие на достапни информации и начини да ги собере, сепак „мрежата на човечки информатори низ светот останува централен столб на овие напори, тип на разузнавање во кое агенцијата треба да биде најдобра на свет во собирање и анализирање“.
Регрутирањето е и една од главните основи по кои шпионите на ЦИА што работат на терен добиваат унапредување, а не заради контраразузнавачки операции.
Како што објаснува еден поранешен функционер на ЦИА, губењето кодоши не е нов проблем за агенцијата, меѓутоа депешот покажува дека проблемот е поалармантен отколку што јавно се знае.
Според него, мора многу повеќе фокус да се даде на безбедност и контраразузнавање, и кај високите офицери на теренот и кај персоналот, посебно оние што регрутираат информатори.
„На крајот од денот никој не одговара кога работите ќе тргнат на лошо со агент. Некогаш има работи што се вон наша контрола ама исто така има ситуации на немарност и запоставување, и луѓето на високи позиции никогаш не одговараат за тоа,“ изјавил поранешниот оперативец на ЦИА, Даглас Лондон.
Дел од поранешните агенти, сметаат дека ЦИА зарѓала во својата способност да ги осуети противничките разузнавачки агенции „заради децениското фокусирање на терористичките закани и потпирањето на ризични тајни комуникации. Развивањето, обуката и управувањето со информатори кои треба да шпионираат странски влади се разликува од развивање извори во терористички мрежи“.
Иако не се знае точниот број на кодоши што станале двојни агенти што има катастрофално влијание на собирањето разузнавачки податоци, според поранешните функционери на ЦИА, посебно успешно во ова е пакистанското разузнавање.
Работата на ЦИА и локалните кодоши е дополнително отежната од технолошките напредоци како вештачка интелигенција, биометриско скенирање и препознавање ликови, кои им олеснија на странските влади во ловењето и следењето на американските разузнавачи што работат во нивните држави.
Дополнително, на ЦИА и се случи катастрофален упад во доверливиот систем на комуникација, што помогна во идентификување на нејзините мрежи во Кина и Иран, по што нивни локални оперативци беа убиени, а други со помош на агенцијата беа иселени од двете држави.