ЧетГПТ, Клод и Џемини решаваат изборни трки

Јазичните модели со вештачка интелигенција се „воспитани“ да бидат политички неутрални, но може да имаат огромно влијание врз исходот од изборите во САД за пратеници, сенатори и гувернери во ноември. Приближно една петтина од возрасните Американци се изјасниле дека се консултираат со чет-ботови за да следат вести за изборите и да споредуваат кандидати.

Гласачите од Демократската и од Републиканската партија ги користат ботовите во слична мера, покажуваат нови испитувања. Некои гласачи анкетирани од NPR рекле дека се потпираат на чет-ботови за трки за пратенички места кои се послабо покриени од медиумите, други прават табели во кои ги споредуваат кандидатите за гувернерски трки, а повеќето користат ботови за да ја потврдат веродостојноста на објавите по социјалните мрежи.

Лиза Велдран, пензионерка од Висконсин, изјавила дека барала специфични совети од ботот Gemini откако кандидатката за која веќе се определила испаднала од трката за гувернер. Gemini ѝ направил табела во која биле споредени ставовите на преостанатите кандидати.

Лакшми Ајер од Пенсилванија користела Claude за да ѝ ги подреди сите кандидати, со ставовите за специфични прашања кои ѝ се важни. 

Можеме да разговараме за твоите главни принципи. Не треба да се обидувам да ги манипулирам твоите политички ставови или да ти кажувам како да гласаш, но можам да помогнам во истражувањето на кандидатите според критериумите што ќе ги избереш, да споредувам докази, да дискутирам за политичката филозофија и да размислувам преку приоритети, одговорил ChatGPT на прашање од корисник дали може да помогне. 

Експертите потсетуваат дека чет-ботовите се обучени да бидат суптилно убедливи и желни да угодат.

Можеби ќе ви кажат работи што ќе ви го зајакнат ставот кон кој веќе сте наклонети. Ќе ви ја зголемат самодовербата, без нужно да научите повеќе, вели Рафаел Батиста од Универзитетот Џон Хопкинс, кој ги проучува општествените и бихејвиоралните влијанија на ВИ.

Тој објаснува дека не може да се знае дали ботовите се пристрасни и кон која политичка струја се наклонети, бидејќи компаниите за ВИ не откриваат како се обучуваат нивните комерцијални модели.

Постојано ги следиме пристрасностите во нашите модели за да ги одржиме одговорите на ChatGPT политички неутрални, објави OpenAI на посебна страница за информации и заштитни мерки за изборите.

9 октомври 2026 - 09:16