Крадците се префрлија од банки на хардвер за дата-центри

Додека технолошките моќници заработуваат стотици милијарди долари од бумот на вештачка интелигенција и изградбата на огромни центри за податоци, се појави нова генерација организирани банди која со задоволство ги краде „трошките“. Само во изминатите четири месеци е украдена опрема за центри за податоци во вредност од стотина милиони долари.

Новата и најдрска тактика на крадците е да поставуваат заседи на шлеперите што носат опрема за центрите за податоци. Во Џорџија бандити го препречиле патот на конвој што пренесувал опрема за сервери, го онеспособиле возилото за придружба и заминале со камионот. Неколку дена подоцна приколката била пронајдена празна, без опремата во вредност од 13 милиони долари.

На речиси идентичен начин од камион пресретнат во Тексас била ограбена опрема во вредност од 10 милиони долари.

Како да крадете златни прачки. Вредноста на еден единствен товар може да надмине и 30 милиони долари. Многу е полесно да се украде оваа опрема отколку да се ограби банка, објаснува Кит Луис од фирмата за управување со ризици Verisk CargoNet.

Анализирајќи инциденти почнувајќи од минатата година, NBC издвои дваесетина кражби на ваква опрема низ САД. Само во периодот од јуни до крајот на октомври годинава е украден хардвер во вредност од над 100 милиони долари. Се очекува овие бројки значително да се зголемат, со оглед на експанзијата на изградба на огромни центри за податоци.

Најновата анализа на Verisk CargoNet покажува дека бројот на кражби на товар во вториот квартал од годинава бил намален за 26% во споредба со истиот број лани. Но, вкупната проценета вредност на украдениот товар достигнала 304,6 милиони долари, во споредба со 135,7 милиони една година претходно.

Највредниот плен се процесори, мемориски чипови, сервери, оптички кабли, бакарни жици и машини за копање криптовалути. Нивната вредност расте на црниот пазар паралелно како и на легалниот. Опремата се продава во целост, на делови или како метал.

Крадците сè почесто користат и дигитални уреди со кои се пробиваат во системите за транспорт за да ги откријат времето и камионите кои носат плен со повисока вредност. При операциите често пати употребуваат и системи за манипулирање на адресите на испорака или за блокирање на GPS на конвоите.

Експерти за транспорт укажуваат дека украдената опрема наменета за центри за податоци вообичаено не завршува на онлајн пазари, за разлика од стоките за широка потрошувачка. Во некои случаи крадците веќе пронашле купувачи за пленот во странство, во земји кои се погодени од строгите контроли за извоз на критични компоненти.

Крадците сега играат на глобално поле, вели Луис.

Машини за копање биткоини, украдени од Лос Анџелес, неодамна биле пронајдени во авион во Далас кој следниот ден требало да летне за Азија. Индија, Узбекистан, Пакистан, Колумбија и Молдавија се посочени како земји со највисоки стапки на сомнителни активности поврзани со кражба на товар во САД.

28 октомври 2026 - 16:07