„Сега изгледа поверојатно дека Британија ќе продолжи да паѓа од неуспех во неуспех со сè поголема брзина.
Дилемата на Меј произлегува од фактот дека коалицијата за 'Напуштање', иако дели одредени конзервативни вредности, е составена од две некомпатибилни фракции: имотни, претежно од средна класа пензионери кои сакаат да ја напуштат ЕУ затоа што сметаат дека таа е премногу бирократска и протекционистичка; и гласачи од работничка класа што гласаа за напуштање на ЕУ затоа што бараат повеќе протекционизам (за нивните работни места).
Очигледно, нема форма на брегзит - или Британија пост-брегзит - која ќе ги задоволи двете групи. Ова го објаснува очајот на Меј што е можно побрзо да го истурка брегзит, пред гласачите да сфатат дека кампањата за напуштање им продала лажни ветувања, вклучувајќи го и тоа дека ќе можат да ги задржат бенефитите од членството во ЕУ, посебно пристапот до заедничкиот европски пазар, без да мора да дозволат слободно движење на работна сила“, пишува Ростовски.
Дополнителен проблем за Меј е што таа беше поборник за останување во ЕУ, а сега како премиер токму неа ќе ја сметаат за одговорна за сите неуспеси на Британија во преговорите околу брегзит.
„На неа ѝ е јасно и дека не може да има политички успех, затоа што медиумите секогаш ќе ги нагласуваат 'поразите' притоа едвај забележувајќи ги 'победите'. Сето ова ѝ дава причина да не ги дефинира нејзините цели, и кој било договор што ќе го обезбеди да го прогласи за 'победа',“ објаснува во својата колумна поранешниот министер во полската влада.