Повторниот дебакл, кој теоретски може да стане бетер само ако Трамп ги освои се уште не прогласените сојузни држави, оди на сметка на анкетната индустрија, на медиумите и аналитичарите кои ти толкуваат бројките.
„Вистинската катастрофа е што неуспехот на анкетарите ги остава Американците без сигурен начин за разбирање на она што ние како луѓе го мислиме вон изборите - што пак е закана за нашата способност да избереме нешто, или да се разбереме како нација.
Сегашниот анкетен индустриски комплекс е создаден во 1930-те од Џорџ Галуп. Меѓутоа изминативе децении тој станува вистински доминантен во светот на политиката и носењето политики.
Меѓутоа вистинскиот процвет доаѓа со Нејт Силвер и неговиот проект 538. Силвер го основа сајтот во 2007 откако е фрустриран од она што го слуша на телевизија од аналитичарите, кои тој верува дека или погрешно ги прочитале анкетите на јавно мислење или целосно ги игнорирале,“ пишува Дејвид Грем во Атлантик.
Наведувајќи ги првичните успеси на Нејт и 538 при изборот на Обама во 2008, а потоа и во 2012, и успевајќи во меѓувреме во повеќе наврати да го „почувствува пулсот на јавноста“, Грем потсетува дека Нејт како и остатокот од индустријата комплетно ги оплескаа предвидувањата во 2016. Тогаш целата оваа индустрија се бранеше дека јавноста не разбира како функционираат анкетите и дека тие всушност погодиле дека Хилари ќе победи, што и се случи кога се во прашање народните гласови на национално ниво, а грешките што ги направиле во сојузните држави и не биле така големи.
Иако ветија дека ќе ја поправат својата методологија за 2020, за бројките да бидат пореални и поблиски до резултатите, Трамп ноќеска во секоја од „свинг“ сојузните држави, освен Аризона, имаше подобри резултатите отколку што тоа го предвиде 538.
„Во претстојните денови и недели ќе гледаме внимателни анализи и помалку внимателни контра-обвинувања, меѓутоа изгледа дека никој точно не знае што е згрешено.
Но одговорот речиси и да не е важен, освен ако не си професионален анкетар, затоа што по две претседателски грешки, анкетарите ја изгубија довербата на печатот и на јавноста,“ пишува Грем.
Тој очекува дека ќе чуеме две линии на одбрана, првата дека анкетите се слика а не предвидување, „но ако нивната слика беше толку погрешна, тогаш каде им беа насочени леќите?“. И втората, дека тие се добри само колку што се добри направените анкетите.
Дури и кога ќе се реши победникот на изборите, тоа нема да ја реши недовербата кон анкетарите и дупката што тоа ја остава. Грем како пример ги дава истражувањата на јавното мислење од летово кога Трамп остро ги осуди протестите за расна правда по убиството на Џорџ Флојд. Тогаш Трамп има остар и значителен пад на рејтингот, посебно меѓу белците гласачи.
„Трамп никогаш не успеа да го надомести овој пад во поддршката, меѓутоа ако анкетите не беа точни, тогаш кој знае дали тој пад беше реален, и дали воопшто ставот на белците кон расната правда навистина се променил,“ прашува Грем.