Бесцелниот напредок на Европа околу Грција

Во средата Грција доби нови над 10 милијарди евра за отплаќање на претходните милијарди евра долг што ги направи, а министрите за финансии на ЕУ добија шанса да се пофалат дека постигнале "значителен напредок." Ова беше опишано како "последниот потег во вечните преговори кој ја издигна уметноста на колебање на импресивни нови височини."

Во едиторијалот на Блумберг се оценува дека вака е "одложена следната финансиска криза, која без овие мерки ќе дојдеше уште летово, бидејќи Грција доби пари кои ќе и траат барем до октомври."

"За да се овозможи ова и да се одржи приказот на пристојност, официјалните кредитори на земјата влегоа во најразлични полу-обврски и неодредени меѓусебни разбирања. Меѓутоа тие ги оставија основните недоразбирања - главно меѓу Германија и ММФ - неразрешени. Заради што ова епско лошо раководење (на кризата) ќе продолжи во ист правец," се објаснува во едиторијалот.

Недоразбирањето меѓу ММФ и ЕУ, потекнува од барањето на Фондот континентот да овозможи дополнително олеснување на долгот. Аргументот на ММФ е дека долгот на Грција никако поинаку не е одржлив, дури и со максимален труд од грчка страна.

Наводно лидерот на министрите за финансии, Јерон Дејслблум, порачал дека обемот на следното олеснување на долгот ќе биде "направено да одговара" на потребите за одржливост на долгот. Проблемот е што главниот спор меѓу Грција и кредиторите се токму нивните ставови за тоа кој што треба да направи за да се овозможи одржливоста на долгот.

"А Европа не е ништо поблиску до одговарање на прашањето. Германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, главно сака да ги избегне одлуките за олеснување на должничкиот товар на Грција пред завршување на сегашната програма за помош во 2018, и покрај тоа што ММФ го советува на спротивното.

Дополнително, министрите за финансии инсистираат дека Грција треба да достигне и одржи примарен буџетски суфицит од 3,5% од националниот доход - таргет кој ММФ го нарекува непосакуван и во никој случај достижен. И кај двете точки преовлада стагнација.

Договорот избегнува моментална финансиска криза, што без сомнеж е некаков успех. Тој не ги исклучува мерките, вклучувајќи и дополнително олеснување на долгот, кои порано или подоцна ќе треба да бидат поставени за да се врати стабилноста на грчката економија.

Меѓутоа ова е напредок со европски карактеристики - таков што ништо не решава," се порачува во текстот на Блумберг.

27 мај 2016 - 10:30