Берни Сандерс и проблемот со младите гласачи

Берни Сандерс има фасцинантни бројки со поддршка меѓу младите. Сè се тоа напредни, модерни, освестени, бучни и агилни лица. Проблемот е само во тоа што таквите  - слабо излегуваат на гласање. 

Излезноста на американските гласачи меѓу 18 и 24 години на последните претседателски избори изнесуваше 41,2%. Најголема излезност имаа кога Обама првпат беше избран за шеф на државата но и тогаш под 50%. За да биде јасен контрастот, излезноста на гласачите постари од 65 години беше 71.9 односно 70.3%.

Со еден исклучок, излезноста на оние со 18-29 години во последните 4 циклуси претседателки избори изнесуваше околу 35 проценти. На "парламентарните" во 2014 само 19,9 проценти се наканиле некому да дадат глас.

На младите или не им е гајле, или комплетно се отуѓени од целиот демократски процес или пак својот "активизам" го исцрпуваат преку ставање знамиња на своите профилни слики на Фејсбук или пак фурање силни хаштази на Твитер.

И тоа е голем проблем за сите што се потпираат на нив во изборните калкулации, меѓу кои е и Берни Сандерс.

Неговиот најголем и најстабилен демографски базен се младите. Во Њу Хемпшир дури 83% од оние 18-29 се за него. Таму освои и 78 проценти од оние кои првпат се здобиле со право на глас. Бројките му беа слични и во Ајова (освои 84 проценти од младите гласови).

Но, сето ова ќе има политичка тежина само доколку младите излезат на гласање. Во спротивно ќе остане победник на една безначајна демографска популација (слично како да си јак на Твитер). Нему тоа му е јасно. По поразот во Невада, Сандерс изјави:

"Последниве 5 недели сме паднале за 25 поени. Како што дознав, сме ги добиле латино гласовите што е пријатно изненадување, но излезноста беше помала отколку што посакувавме. Тоа е нешто што одново и одново го повторувам - ќе имаме успех кога младите и кога работниците ќе излезат. Со мала излезност нема ништо да направиме."

Како што извести Вашингтон пост, само 80.000 луѓе се појавиле на изборите во Невада. За споредба, во 2008-ма ги имало 117,600. Сандерс ги доби оние под 45 години (72%), но изгуби меѓу афроамериканците и кај оние над 45 години. А Невада е клучна држава за натамошните текови на изборите. 

Најдепресивно во ситуацијата е што Сандерс се уби од промовирање теми и решенија кои ги тангираат младите: школарини, студентски кредити, универзално здравство, климатски промени.... Младите се чини тоа автентично го препознаа но ако гласаат со досегашните стапки, нивниот омилен кандидат едноставно ќе изгуби а тие ќе останат маргинално гласачко тело.

Дури и да гласаат за Хилари, ако го сторат тоа со рекордна излезност, тоа ќе биде охрабрувачки факт за земјата, пишува Салон.

Но, сите фактори упатуваат на тоа дека младите ќе го направат она што секогаш го прават: да дигнат голема галама ама никаде да ги нема кога навистина ќе треба.

23 февруари 2016 - 19:47