„Луѓето на улица зборуваат каталонски и шпански, како и француски и германски и урду и сите други бројни јазици во овој мулти-културен град, меѓутоа сите тие се луѓе што живеат тука.
Но немаше туристи. Ниту еден. Нема велосипедски тури, нема Сегвеи, нема рикши, нема никој што продава стапчиња за селфи, никој не се обидува да те намами да јадеш паеља во време кога никој тука не јаде паеља - всушност, во време кога никој тука не јаде, и точка.
Бевме само ние. По децении во кои туризмот растеше експоненционално, незапирливо до точка во која град од 1,6 милиони жители годишно добива по 30 милиони туристи, нив веќе ги немаше. Сите нив. Си го добивме нашиот град.
Да, од ова добивме чувство на ослободување, но нешто не е како што треба. Баровите и рестораните се затворени и многумина можеби никогаш нема да отворат. Ниту пак голем број бизниси за кои туризмот беше причина за постоење,“ пишува Стивен Бурген во текстот за Гардијан.
Слични се искуствата на луѓето од Венеција, Амстердам Париз и Њујорк со кои Бурген разговара. За Алберта де Гренет „Венеција станува како празен Дизниленд, сега можеш да го видиш градот во вистинското светло, повеќе селце отколку град.“ Амстердамецот Фалко Блокхуи објаснува дека „во март одеднаш во градот слушавме само холандски околу нас. Одеднаш можеше да се види вистинската убавина на центарот на градот, места кои со години сме ги избегнувале. Можеше децата да ги однесеме во Вален, во Црвената област. Немаше ергенски вечери, немаше туристи, немаше сексуални работници, немаше дилери на дрога. Искуство кое ќе се памети до крај на животот.“
Блаженоста и мирот на улиците на Барселона, доаѓаат со свои сериозни проблеми, главно поврзани со финансискиот опстанок на нејзините граѓани. Па додека градот се надева дека празните Ербиенби станови сега ќе можат да бидат понудени за изнајмување на жителите, властите треба да мислат и за десетиците илјади граѓани кои привремено или трајно останаа без работа, затоа што нивната дејност директно зависи од прекумерниот наплив на туристи.
„Моментално уживаме во мирот и тишината, но наскоро ќе почнеме да се сеќаваме на времињата кога сакавме туристите да ги снема и да нè остават раат, и ќе си мислиме, пази што посакуваш,“ пишува Бурген.