Иако утехата на владите и индустријата околу глобалното затоплување е дека тоа конечно ќе дозволи искористување на резервите на нафта и гас под Арктикот и ќе создаде пократки трговски патишта, нов извештај предупредува дека ослободувањето на еден џиновски "пулс" од метан од растопувањето на вечниот мраз под Источно Сибирското море, може да предизвика штета од 60 илјади милијарди долари.
Проблемот е што арктичкиот мраз почна секоја година да се топи многу побрзо отколку што се создава. Во 2012-та, тој спадна на само 40% од она што беше во 70-те. Научниците очекуваат Арктичкиот океан до 2020-та да биде во најголемиот дел без летен мраз.
Топењето може да доведе до бавно испуштање на метанот заробен под Источно Сибирското море во рок од 50 години, или катастрофално, еднократно испуштање. Овој гас настанува како последица на распаѓање. Па така кога некое растение ќе почне да се распаѓа, тоа ослободува метан. Проблемот е што под Арктичкиот мраз има огромен број на растенија и животни кои долго време се изумрени но се под мразот. Вториот дел од проблемот се хидратите од метан заробени во мразот, кои во основа претставуваат коцки мраз полни со меури метан. Како што океаните ги топат овие коцки мраз, од нив почнува да се ослободува метанот.
Метанот е еден од гасовите кои создаваат ефект на стаклена градина со тоа што ја изолираат топлината. Според одредени процени тој е и до 20 пати поефикасен во изолирање на топлината отколку јаглерод диоксид.
Трошокот од 60.000 милијарди долари не е од самото ослободување на метанот, туку од затоплувањето кое следува од производството на вакви гасови.
Затоплувањето ќе значи повеќе поплави, повеќе суша и повисоко ниво на морињата (што значи катастрофа како онаа што лани се случи во Њујорк). Целата оваа катастрофа ќе се храни самата себе, бидејќи како повеќе расте температурата така и побрзо се ослободува метан во атмосферата.