Се работи за една кампања за што ја објави норвешкиот огранок на Амнести интернешнл а се однесуваше на протестите во Колумбија и полициската бруталност со која истите беа задушени.
Освен осудата од хејтерите, добронамерниот совет од експертите беше дека користењето на вештачка интелигенција и создавање на слики од ништо, во крајна линија ќе го поткопа кредибилитетот на организацијата, која и онака си влече проблеми со обвинувања дека содржините што ги објавува не се автентични.
„Последниве 5 години ги минавме зборувајќи со стотици активисти и новинари и останати низ цел свет кои веќе се соочуваат со делегитимизација на нивните слики и видеа со тврдења дека се лажни.
Со ова притисокот е врз новинарите и бранителите на човекови права да 'докажат што е вистинско'. Ова може да се случи и превентивно, бидејќи владите се подготвуваат за такво нешто па ако се дознае дека треба да излезе некаква компромитирачка снимка, тие можат да тврдат дека таа е 'лажна снимка',“ објаснува првиот човек на глобалната мрежа за човекови права фокусирана на користење видео материјали, Витнес, Сем Грегори.
Од трите АИ фотографии најспорната ја користат за објавување на билансот на жртви од протестите (89 мртви, 106 обвинувања за насилство базирано на пол, 3.546 апсења и стотици жртви на тортура,) и на нејзе се прикажани толпа полицајци и една уапсена девојка.
Останатите две фотографии, инаку сите коректно обележани дека се генерирани со вештачка интелигенција, се помалку спорни бидејќи повеќе наликуваат на постер од маркетинг кампања.
Аргументите на Амнести се дека се решиле за АИ затоа што на тој начин можат да претстават настани „без да загрозуваат никого што бил присутен таму“, и дека тоа им било одобрено и од нивните партнерски организации од Колумбија.
По критиките Амнести одлучи да се откаже од АИ и ги избриша спорните постови на Твитер.