Веќе неколку месеци на северот од Алепо борби водат групите Фурсан ал Хаку и Сириските демократски сили. Првите се вооружени од ЦИА, а вторите се вооружени од Пентагон.
"Нападите меѓу две групи поддржани од САД следуваат и покрај континуираните борби во Сирија и ги илустрираат проблемите со кои се соочува САД во координирање на дузини вооружени групи кои се обидуваат да ја соборат владата на претседателот Башар Асад, да се борат против милитантите на ИСИС и истовремено да се борат меѓу себе," пишува Наби Булос за Лос Анџелес Тајмс.
Минатата година Американците во курдските области во Сирија испратија околу 50 специјалци кои требаа да им помогнат на локалните милиции и да осигураат дека бунтовничките групи поддржани од САД не се борат меѓу себе.
Сириските демократски сили се воена коалиција која Пентагон успеа да ја оформи минатата година. Замислата е групата да се вооружи и да се подготви за преземање на териториите на ИСИС на истокот од земјата и обезбедување информации за воздушните напади на САД. Оваа група е доминирана од курдски сили.
Во исто време ЦИА има сопствена операција која ја управува од Турција, во која на бунтовничките групи во Сирија им испраќа помош и наоружување, како анти-тенковските проектили (TOW) од саудиските воени резерви.
Работата на Пентагон е дел од планот на САД против ИСИС, работата на ЦИА е дел од прикриената акција на САД за одржување притисок во владата на Асад, во надеж дека истиот ќе го дотераат на преговарачка маса.
Кога почна спроведувањето на двата плана, групите на Пентагон и оние на ЦИА оперираа во сосема спротивни делови од Сирија. Како што руските воздушни напади ги проретчија редовите на анти Асад силите поддржани од ЦИА, така курдските групи на Пентагон почнаа да навлегуваат во нивна територија.