Од 2016, една година откако Мухамед бин Салман станува министер за одбрана на Саудиска Арабија, 15 пензионирани американски генерали и адмирали работат како платени консултанти на истото ова министерство.
Меѓу платените консултанти е и генерал Џејмс Џоунс, советник за национална безбедност на Обама, и генерал Кит Александар, еден од највисоките американски разузнавачи кој во времето на Буш и Обама беше прв човек на Агенцијата за национална безбедност (НСА).
Џоунс изјавува дека бил контактиран од тогашниот министер за надворешни работи на Саудиска Арабија кој му предложил да се види со МБС. Бин Салман „во основа изјави дека е загрижен за парите што ги плаќа за воена опрема наспроти капацитетите што ги добива“.
„Тој ме праша дали би можел некако да му помогнам да го трансформирам нивното министерство за одбрана и војската во нешто што ќе биде покорисно а помалку скапо,“ изјавил Џоунс во интервјуто за барањето дозвола за работа за Саудијците.
Откако добил дозвола од Пентагон, тој составил тим од десетина високи офицери и функционери на Пентагон, со задача да направат организациска проценка на саудиските вооружени сили. Меѓу нив е и поранешниот министер за одбрана од времето на Клинтон, Вилијам Коен. Компаниите на Џоунс и понатаму ја советуваат саудиската влада во делот со одбраната.
Поранешниот прв разузнавач на НСА, Кит Александар, во чие време протече аферата со масовното прислушкување на Американците, преку својата консултантска компанија Ајроннет, во 2018 потпишува партнерство со Саудијците за основање на нова институција: Принц Мухамед бин Салман Колеџ за сајбер безбедност. Ова е првата обука во кралството за сајбер-војување.
Колеџот го управува Сауд ал Катани, влијателен советник на МБС, кој исто така е задолжен и за надзор на мрежата за компјутерско хакирање и следење, која се сомничи дека учествува и во елиминацијата на Кашоги.
Катани е под санкции од американското министерство за финансии од ноември 2018, а и покрај тоа два месеца подоцна Александар добива дозвола од Стејт департманот за развивање на колеџот и служење на неговиот борд. Кит Александар подоцна има ангажман и во Сингапур и во Јапонија.
И кај Саудијците и кај останатите монархии од Заливот (пример, Емиратите) пензионираните американски генерали и останат персонал, имале цивилна функција „но одиграле критична, иако главно невидлива, улога во надградувањето на нивните војски“.
Саудијците вкупно имале ангажирано 25 воени пензионери од САД, од кои најголемиот дел се високи офицери кои служеле како консултанти во Министерството за одбрана.
Пензионираниот воен персонал законски смее да работи за странски влади, меѓутоа за тоа прво треба да добие одобрение од нивниот род во вооружените сили на САД и од Стејт департманот. Вашингтон пост кој ја спроведува истрагата тврди дека американската влада со години остро се борела сите овие ангажмани да ги држи во таинственост.
Вашингтон пост стигнува до податоците откако ги тужи сите гранки на американската армија по основа на Законот за слобода на информациите. По 2-годишна судска битка, Пост стигнува до над 4.000 страници документи меѓу кои и досиејата на околу 450 пензионира војници, морнари, авијатичари и маринци.
Документите покажале дека странските влади добро го плаќаат американскиот воен талент. Редовната плата што Америка му ја плаќа на активен генерал со четири ѕвезди е 203.000 долари годишно. За споредба, владата на Австралија има консултантски договор со неколку високи морнарички офицери во износ над 10 милиони долари. Консултантска компанија составена од шест пензионирани офицери и функционери на Пентагон преговарала за договор од 23,6 милиони долари со Катар, меѓутоа ова не се исполнило. Во Азербејџан, генерал на американската авијација ги нудел своите услуги по цена од 5.000 долари на ден.
Цените за понизок воен персонал се движат од 258.000 долари годишно за поранешни припадници на Фоките, ангажирани од Саудиската Арабија, или 200.000 долари за пилоти на хеликоптери и 120.000 долари за механичари од Емиратите.
Голем број од ангажираните главно ги добиваат тезгите преку врските што ги создале за време на својата служба во земјите од Блискиот исток, а има и неколку случаи во кои американски офицери го договориле следниот ангажман со странски влади додека се уште биле во активна служба. Речиси две-третини од ангажманите на американски ветерани се на Блискиот Исток и во Северна Африка, каде и најмногу се плаќа за американската експертиза.