"Иако мислите дека Трамп или Клинтон ќе биде лош претседател, тоа е сè што тие ќе бидат - претседател, со сите ограничувања кои доаѓаат со таа функција," порачува Чидл.
За тие што се плашат од Хилари, треба да се знае дека без разлика кој ќе влезе во Белата куќа, Претставничкиот дом и понатаму е под контрола на републиканците, што значи дека тој ќе биде сурово непријателски настроен кон нејзе на секој можен чекор. Дури и со тенко мнозинство во Сенатот, Хилари нема да може да протне некои од главните столбови на нејзината агенда како контрола на оружјето и имиграциска реформа.
Кај оружјето процената е дека Хилари легално нема да може направи ништо што Обама до сега не го пробал, и дека за какви било промени на темата на неа ќе и треба поддршка од Конгресот (кој е составен од Сенатот и Претставничкиот дом).
И кај имиграцијата и е потребно да добие поддршка од Конгресот, па најмногу што би можела таа да направи е повторно да истурка некои политики од времето на Обама, кои биле блокирани од судовите во надеж дека овој пат Врховниот суд ќе ги поддржи. Надежта тука се базира на тоа дека ако Хилари стане претседател таа ќе именува судија во Врховниот суд на местото на починатиот Скалиа, со што ќе се промени составот на судот.
Онаму каде што ниту Хилари, ниту Трамп, нема да имаат ограничувања од Конгресот е меѓународната политика. Ова значи дека американската војска би можела повеќе да биде ангажирана во Сирија.
Во случај на победа на другата половина од Америка, Трамп ќе има пред себе далеку попријателски настроен Конгрес отколку Хилари. Треба да се има предвид дека тој би можел да ги повлече САД од Парискиот договор за климатски промени, да работи со републиканците за укинување на Обамакеар, и да депортира повеќе нелегални мигранти и од Обама (кој од 2009 до 2014 има депортирано над 2,4 милиони луѓе).
Чидл потсетува дека и пред 8 години Обама кога дојде на власт имаше предност во Конгресот, ама пак се изнамачи дур го пројде Обамакеар. Истото Трамп може да го очекува и за ѕидот што го најави, кој не само што ќе наиде на отпор од демократите, туку и од дел од републиканците.
Она што е полесно изводливо за Трамп, ќе биде забраната за влез на муслимани мигранти, бидејќи претседателите имаат повеќе овластувања кога е во прашање нелегалниот влез во САД и издавањето визи. Иако треба да се знае дека целосната забрана за влез на муслимани во САД најверојатно е противуставна, Трамп ќе има поголем успех од Хилари околу имигрантите, затоа што за претседателот е полесно да го спречи влезот на имигранти отколку да го олесни.
Иако ги има луѓето во Конгресот, Трамп ќе заглави кај укинувањето на Обамакеар, затоа што тоа сепак треба да биде ставено на гласање, и ќе треба да им се каже на гласачите што тоа ќе значи за нив.
"Лесно е да се изгубиш во гневната реторика што овие избори ја создадоа. Ама Америка отсекогаш била загрижена. Нашата политика отсекогаш била валкана. Може се ежиш кога некој ќе ти каже дека Клинтон е тргната да ти го одземе твоето оружје, или кога некој друг ќе каже дека Трамп ќе не одведе во нуклеарна војна, ама уште во 1800, весниците предупредуваа дека ако Томас Џеферсон е избран за претседател, 'Ќе ги гледаме нашите сопруги и ќерки како жртви на легална проституција.' Работите секогаш се најмрачни пред денот на изборите," пишува Чидл.