Каубоите се дел од граничните сили на САД кои беа распоредени да ловат мигранти што нелегално влегуваат во Тексас преку Рио Гранде, во близина на гратчето Дел Гранде.
На терен беа распоредени околу 400 коњаници и останати агенти на Граничната патрола, а беше најавено дека по потреба ќе бидат испратени уште повеќе. Во акцијата се вклучија и властите од карши кои почнаа да запираат мигранти на мексиканската граница.
Новите мерки се откако во приправениот камп под мостот пред Дел Гранде во изминатите речиси три седмици се насобраа околу 15.000 мигранти од Хаити, а освен испраќање на нови сили на границата, САД почна да го остварува и планот за враќање на бегалците во Хаити.
Како дел од овој план околу 2.000 бегалци беа иселени од кампот, а 330 од нив со три авиони се вратени во својата татковина, од кои половина беа деца на возраст под 5 години. Планот е неделава назад да се врати остатокот од мигрантите со пет до осум летови на ден.
Американските власти во саботата објавија дека ќе почнат веднаш да ги протеруваат бегалците од Хаити без воопшто да им дадат шанса да бидат обработени за азил. Од ова правило ќе бидат исклучени децата кои доаѓаат без придружба.
Вообичаено мигрантите може да се пријават себе си на американската граница и да побараат азил, со што започнува долга судска процедура. Оваа можност беше укината од Трамп во март 2020 под закрила на мерките за борба против короната, кога беше донесена одлука за инстантно депортирање на сите мигранти. Бајден ја задржа одлуката од Трамп исклучувајќи ги од нејзе само децата без придружба.
Заедно со мигрантите, САД ќе пушти и финансиска помош за Хаити.
Една од опциите што ја имаат Хаиќаните е да се вратат назад преку Рио Гранде и да бидат сместени во камп во Мексико.
Мигрантите главно тргаат од Хаити, меѓутоа има и Хаиќани од бегалските кампови во Бразил и Чиле каде беа сместени по катастрофалниот земјотрес во Хаити во 2010.
Напливот на бегалци е комбинација на погрешно сфатена или погрешно испратена порака од американската администрација од почетокот на нивниот мандат кога Бајден одлучи да ги укине строгите мерки на Трамп за миграција, што беше сфатено дека САД сега е отворен за дојденци. Згора на ова Хаити пак беше погоден од разурнувачки земјотрес, а во јули беше изведен атентат за претседателот на Хаити, по што улиците на главниот град почнаа да ги контролираат локални банди.
Бегалците се надеваа дека за нив ќе важи Привремениот заштитен статус, американската програма која дозволуваше Хаиќаните привремено да останат во земјата без разлика на нивниот имигрантски статус. Тоа што не го разбрале пред да тргнат е дека програмата важи само за тие што веќе биле во земјата до 29 јули.
Дел од нив за странските медиуми објавуваат дека да знаеле дека тоа правило веќе не важи, немало воопшто да тргаат на толкав пат, сосе цело семејство, и парите (патот чини од 5 до 15 илјади долари зависи како патуваш) подобро ќе ги инвестирале таму каде што се.
Во неделата Трамп објави дека од доаѓањето на Бајден на власт пред 8 месеци над 1,25 милиони луѓе нелегално влегле во САД, што според него е „најголемиот број на нелегални мигранти во историјата“ што влегле во САД.