Абдул Гани Барадар, победникот во 20-годишната војна

Мула Барадар на барање на американската влада пред три години беше ослободен од затвор во Пакистан како дел од „мировниот процес“ во земјата.

Иако Хаибатула Ахунџада останува врховен лидер на талибанците, Барадар е политичкиот лидер и најпознатиот лик во јавноста. Кога падна Кабул тој одлучи дека е време од Доха да се врати во родниот Авганистан.

Барадар е роден во провинцијата Урузган во 1968, а како млад во 1980-те се бори на страната на муџахедините против Советите. За време на граѓанската војна по заминувањето на Советите, Барадар се повлекува во Кандахар каде основа медреса со својот поранешен командант од муџахедините (според некои извори и баџанак), Мухамед Омар. Двајцата таму ги основаат талибанците, движење предводено од млади изучувачи на исламот посветени на религиозно прочистување на земјата и создавање на емират.

Во 1996, благодарејќи на омразата на народот кон најразличните воени команданти кои управуваат со разни делови од земјата и уште повеќе благодарејќи на поддршката од пакистанските тајни служби, талибанците успеваат да освојат повеќе провинциски главни градови низ земјата и да ја преземат власта. Се верува дека главен стратег на тогашните победи е токму Барадар, кој е втор човек во организацијата како заменик на мула Омар.

За време на талибанското владеење, тој работи на повеќе функции, а последната, пред американската инвазија, му е заменик министер за одбрана.

За време на 20-годишниот прогон од земјата, освен што се покажува како извонреден воен лидер и политички оператор, Барадар е и еден од најотпорните кон контрола од страна на пакистанските тајни служби.

Во 2010 ЦИА успева да го открие Барадар во Карачи, а потоа и да ја убеди пакистанската тајна служба да го уапси.

„Апсењето на Барадар главно беше поттикнато од неговата улога во војната отколку од веројатноста дека одеднаш ќе доведе до мир.

Факт е дека Пакистанците толку долго го чуваа главно затоа што САД го бараше тоа од нив,“ ја пренесува Гардијан изјавата на својот извор.

Во 2018, Вашингтон го менува својот став, и американскиот пратеник за Авганистан бара од Пакистанците да го ослободат Барадар за тој да ги предводи преговорите во Катар, сето ова базирано на верувањето дека тој ќе прифати договор за поделба на власта.

„Никогаш не видов некој вистински издржан доказ за таа позиција, туку почна да се развива како еден мит,“ објаснува изворот на Гардијан.

Во февруари 2020, 10 години по апсењето, Барадар го потпишува договорот во Доха, кој администрацијата на Трамп го поздравува како напредок за мирот во земјата.

Договорот е дека САД и талибанците нема да војуваат едни со други. Меѓутоа договорот има и втора фаза, во која талибанците и владата на Ашраф Гани ќе водат преговори за поделба на власта во земјата.

„Преговорите од втората фаза се одвиваа со многу малку прогрес, и сега е јасно дека Барадар и талибанците намерно трошеа време, чекајќи Американците да си заминат и подготвувајќи се за крајната офанзива.

Животот го научи Барадар на трпение и увереност во крајната победа,“ пишува Гардијан.

16 август 2021 - 11:38