Јапонија го има најголемиот удел на возрасни граѓани во споредба со која било друга држава на светот, а уделот на лица над 65 години како процент од вкупната популација е во константен раст од 1950-те.
Професорот Јасуке Нарита уште од 2021 зборува дека „очигледно јасно решение“ на проблемот со престарената популација би било воведување на масовно сепуку (самурајско ритуално самоубиство) за старите.
Запрашан малку подетално да го објасни својот план Нарита споменува сцена од филмот „Мидсомар“ во кој постари лица се испратени да извршат самоубиство скокајќи во провалија.
„Дали тоа е добра или лоша работа, тоа е потешко прашање за одговарање. Па ако мислиш дека е добра, тогаш можеби можеш да работиш кон тоа да создадеш такво општество,“ објаснил Нарита.
Неговата процена е дека во иднина во Јапонија неизбежно ќе треба да се води дискусија за воведување на задолжително асистирано самоубиство.
Зборувајќи за еутаназија, Нарита ја споменува сопствената мајка на која на 19 години и се појавува аневризма, што нејзе секој месец ја чини по 755 долари за третирање.
Дел од јапонските политичари се алармирани дека ваквите позиции ќе доведат до јавна наклонетост која во 1948 го овозможила носењето на законот за евгеника, кој дозволувал доброволна и недоброволна стерилизација на луѓе со наследни болести, ментални болести и интелектуална немоќ.
И покрај пораката што ја шири, Нарита стекнува огромен број следбеници во Јапонија посебно меѓу младите кои сметаат дека старите генерации го спречуваат нивниот економски напредок. Тој има над 550.000 следбеници на Твитер, редовно се појавува на јапонски шоуа, го има на насловни страни на списанија и има снимено една реклама за енергетски напиток.
Њујорк тајмс разговара со Нарита кој објаснува дека неговите коментари се извадени од контекст, и дека термините „масовно самоубиство“ и „масовно сепуку“ биле само „апстрактни метафори“.