Покрај отворените војни, потенцијал за влошување на глобалната нестабилност во 2024 ја имаат и изборите во над 50 држави низ светот, вклучително Индија, Индонезија, Мексико, Јужна Африка, САД и 27-те членки на ЕУ.
„Вкупно, на учесниците на изборната олимпијада 2024 отпаѓаат 60% од светскиот БДП,“ пишува Патриција Коен во текстот за Тајмс.
Ова значи дека овие 60% од економиите ќе бидат под стрес и одлуки донесени во име на добивање подобри резултати на гласачките места. Како пример за тоа е навремената одлука на Путин кој минатата година реши дека целиот извоз странските компании треба да го плаќаат во рубљи, што беше направено со цел стегање на рубљата пред изборите во март 2024.
Истовремените избори ќе значат и дека 60% од глобалниот БДП во иста година ќе решава дали ќе остануваат дотогашните правила (субвенции, даночни олеснувања, развој на АИ, закони, трговски забрани, простување долгови) или ќе се менуваат.
Изборите се сериозна закана и глобализацијата која речиси непречено се ширеше изминатите децении, за последниве години таа да почне да наидува на отпор главно заради падот на животниот стандард и се поголемата нееднаквост на земјите кои ја прифатија истата.
Економистите алармираат дека ваквата скептичност кон глобализацијата предизвикува опасен циклус затоа што „свет на со намалена трговија е свет со намален приход,“ што пак ќе доведе до избор на десничарски националисти кои дополнително ќе го ослабат глобалниот раст.
Дајан Којл, професорка по јавни политики на Кембриџ, смета дека моментално светот наликува на 1930-те, кога политички немири и финансиските разлики „одиграа во корист на популизмот и намалување на трговијата, а потоа и подемот на екстремната политика“.
Сега како што стојат работите, следната година економскиот раст во голем дел од светот се очекува да биде бавен, а десетици развиени држави се во опасност да не можат да го платат својот долг. Од друга страна рапидниот пад на инфлацијата ги тера централните банки кон намалување на каматните стапки или барем да го запре нивниот раст, што генерално се смета за поттик за инвестиции и купување недвижности.