Два месеца претходно, на 8-ми март, тој на митинг во Париз порачува "ако јас сум избран, таа нема да биде скриена, ниту зад твит, ниту на страна или каде било. Таа ќе биде до мене, затоа што секогаш беше до мене." Коментарот освен на сопругата, се однесуваше и на поранешната сопруга на Оланд, и тајниот живот на поранешниот претседател со неговата љубовница.
Емануел и Брижит по долго време ќе бидат првиот близок пар кој се вселува во претседателската палата. Дури и претходникот на Оланд, Николас Саркози беше напуштен од сопругата само неколку седмици откако беше избран за претседател на Франција. Пред нив Жак Ширак и неговата сопруга се под ист кров, ама живеат во сосема одделни крила од палатата, слично е и со Франсоа Митеран и сопругата кои долго време живеат сосема одделно (Франсоа има и две вонбрачни деца со две различни љубовници).
Ванеса Шнајдер во Ле Монд објаснува дека 64-годишната Брижит Макрон ќе биде прва дама со полно работно време, исто како што беше и сопруга на претседателски кандидат со полно работно време:
"Никогаш партнерот на еден кандидат не одиграл толку важна улога во француската претседателска кампања. Таа учествуваше во секој момент од подемот на нејзиниот сопруг, не како пасивен набљудувач, туку како вистински учесник на военото поле.
Таа не беше вклучена во политичката стратегија на нејзиниот сопруг или во програмата, меѓутоа таа ги проверуваше сите негови говори и го обучуваше како да се однесува, исто како што правеше кога му беше професорка по глума - додека во меѓувреме го менаџираше неговиот распоред, работеше како спин доктор и како врска меѓу кандидатот и надворешниот свет.
Природна соработка за овој пар, опишан како 'нераздвоен' од нивниот пријател Жак Атали, ветеран економист и општествен теоретичар и политчки советник."
Брижит прв пат се среќава со политиката во август 2014, кога Емануел станува министер за економија, а неколку месеци подоцна таа ја напушта својата работа во едно најпрестижните приватни средни училишта во Париз, и му се приклучува на својот сопруг во министерството.
Таму нема официјална позиција, ниту плата, ама брзо се наметнува како важен дел од функционирањето на неговиот кабинет. Таа учествува на состаноци околу распоредот на нејзиниот сопруг, организирањето вечери и слични средби (приватни и професионални).
Кога во август 2016 Емануел ја напушта владата и решава да се кандидира за претседател, тој го собира целиот свој тим од министерството и меѓу другото јавно се заблагодарува на својата сопруга за нејзината дискретна улога.
"Нејзината улога во подемот кон моќта на Макрон, и нејзиниот директен па дури и брутален начин на кој зборува со него кога мисли дека имал лош настап, создава нервози кај дел од луѓето што работат на кампањата. Меѓутоа секој што ризикува да даде и најмала критика брзо е прекорен од кандидатот.
На крај, дури и најскептичните мораа да признаат дека присуството на Брижит во кампањата - секогаш насмеана и љубезна и волна да одвои време да зборува со луѓето, да прави селфија и да дава автограми - неизбежно го подобрува имиџот на нејзиниот сопруг.
Нејзината популарност и нивната често прераскажувана љубовна приказна покажа похумана страна на човекот кој постојано беше сметан за технократ и монотон. Ретко кога во политиката еден пар толку често бил на насловните страни на магазините. И тоа не само во Франција. Меѓународниот печат ја засака Брижит Макрон, нејзиниот изглед беше анализиран од стилисти, а нејзината идила со младиот претседател беше изучувана...
... Вечерта по првиот круг од изборите, Емануел Макрон беше критикуван што заедно со себе ја изведе својата сопруга на сцената, како веќе да бил избран. Тоа беше еден вид проба. Брижит Макрон го заслужи своето место во фотографиите, а Французите допрва ќе гледаат уште многу од нејзе," пишува Шнајдер.