Една таква компанија е производителот на медицински помагала Stryker Corp. Во јуни 2015 њујоршкиот Одбор за професионално работење во медицината го обвини ортопедскиот хирург Алексиос Апазидис за несоодветно пропишување лекарства против болки на 28 од неговите пациенти.
Одборот го казнил со 50 илјади долари и донел одлука три години тој да биде контролиран од негов колега. И покрај ова, спомнатата компанија на Апазидис му платила повеќе од 14.000 долари за консулатции и патни трошоци во втората половина на 2015.
Страјкер му платила слична сума и на друг хирург-ортопед од Сан Франциско, иако и тој претходно одговарал за двегодишна несоодветна сексуална врска со пациент, чии деца исто така ги лечел. Два месеци бил суспендиран, бил седум години условно казнет, и требало да побара психолошка помош. И денес кога прегледува пациентки, во ординацијата мора да биде присутно трето лице.
Но ова е само една од компаниите што во САД за услуги им плаќаат на опоменети или казнети доктори за нивно непрофесионално однесување. Досиејата за прекршоци направени од доктори од пет држави (Калифорнија, Тексас, Њујорк, Флорида и Њу Џерси), споредени со податоци за плаќања на различни компании кон доктори, покажуваат фактури за услуги како говори, консултации, образование, патувања и подароци. Идентификувани се 2.300 доктори што биле исплатени од индустријата помеѓу август 2013 и декември 2015, и покрај тоа што имале „валкано“ досие.
Некои од докторите биле казнети за помали прекршоци, како на пример за тоа што не посетувале курсеви за надградба на знаењето, но стотици биле дисциплинирани за потешки дела, како давање неквалитетна услуга, несоодветно пропишување лекарства, манипулација со јавните осигурувања па дури и сексуално малтретирање.
Генерално, хонорарите што ги исплаќа индустријата се легални, сè додека тие не значат обврска да се користи одреден производ. Нуспојава е пропишувањето лекарства што чинат повеќе, кои можеби не се потребни или се слични со многу поевтини, а генерички истоветни лекарства.
„Kристално e јасно дека основната цел на компаниите не им е да ги образуваат лекарите и да го подобрат здравството. Нивната цел е да продадат“, вели д-р Чарлс Розен, соосновач на Здружението за медицинска етика, кое се обидува да го намали влијанието на производителите врз докторите. „Мислам дека тие би му платиле и на ѓаволот, ако никој не знае за тоа“.