Прашалникот им бил даден на пополнување на 27.000 ученици од 161 основно и средно училиште во цела Хрватска, за да се добие нивната перспектива за уникатното време и искушенија низ кои минуваме. Главен заклучок е дека пандемијата им донела главно негативни последици, освен тоа што во извесна мерка ги подобрила нивните односи со домашните, односно семејството.
Покрај семејното, училишното опкружување е клучно за менталното здравје на децата и младите и затоа треба да се стори сè школите да останат отворени, вели еден хрватски доктор по психологија од Кембриџ.
Школото им обезбедува структура, чувство на сигурност и смисла во животните активности, можност за комуникација, соработка и поврзување со други - врсници и постари. Тоа е особено важно во адолесцентскиот период во кој животот на младите е насочен кон социјалниот живот, изградба на односи и пријателства. Сето тоа постои и без физичко школо, но во голема мерка е променето.
„Во тие клупи, по ходниците и околу школото се одвиваат многу сложени психолошки и социјални процеси кои ги прават животите на учениците побогати и поцелисходни. За развој на млада личност исклучително е важно прегрнувањето на игралиште, цигара во школскиот двор, сознанието дека професорите се „стварни“ луѓе со „стварни“ проблеми, сништа и разочарувања. Сето тоа го обезбедува редовното школо и неговите отворени врати се предуслов за смислено делување во сферата на менталното здравје,“ пишува Борис Јокиќ.
Тој ги пренесува и препораките на Хрватската психолошка комора да се воведат програми за сите во школите како би се зголемила менталноздравствената писменост, вработените во образованието да се оспособат за препознавање потешкотии и давање поддршка и помош на ученици и колеги, а школскиот систем да има ефикасна и разгранета мрежа на стручни соработници како и интердисциплинарни екипи на нивоа на градови и општини.