Групата, која се води како Хабсбуршка група, добила најмалку 2 милиони долари за своите услуги. Таа била предводена од „поранешен европски канцелар“, лице чие име не е официјално објавено, меѓутоа според повеќе извори се работи за Алфред Гусенбауер, поранешен австриски канцелар кој тврди дека не лобирал за Јанукович, туку работел на „приближување на Украина со остатокот на Европа.“ Тој до сега нема отфрлено дека за оваа услуга бил платен од американска компанија.
Меѓу останатите на платен список на Манафорт е и Романо Проди, поранешниот италијански премиер и претседател на европската комисија. Во писмена изјава и Проди признава дека работел на приближување на ЕУ кон Украина, нешто што вклучувало „бројни состаноци и јавни говори (дел од кои редовно плаќани) во повеќе европски престолнини.“ Проди во изјавата отфрла дека бил платен за какво било лобирање или дека бил дел од тајно лоби.
„Ако наводите од ова обвинение бидат потврдени, тоа што тие ќе откријат е само мал пример за тоа како недемократските сили купуваат услуги од поранешни западни функционери со цел напредување на агендата. Во овој процес, најголемиот дел од овие пензионирани политичари всушност го овозможуваат клептократското и авторитарно владеење на овие поединци. Уште полошо, тие го ризикуваат својот кредибилитет за да им помогнат на режими директно спротивни на демократиите на кои некогаш им служеле,“ пишува Торстен Бенер во текстот за Атлантик.
Како пример тој го наведува поранешниот премиер на Британија, Тони Блер, кој ги продаваше своите услуги на Централно-азиски диктатори, или обидите на Кина да ангажира поранешни западни лидери, како германскиот заменик канцелар Филип Рослер, кој беше ангажиран да раководи со кинеска фондација во Њујорк.
Еден од примерите кои посебно му бодат очи на Западот е поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, кој минатата година стана претседател на бордот на Роснефт, а е ангажиран и на бордот на гасоводот Северен тек 2, проект во сопственост на Газпром. Според документи објавени од Дер Тагшпигел, Шредер неодамна помогнал да се оствари средба меѓу првиот човек на Газпром, Алексеј Милер и германскиот министер за економија.
„За да се спречи предизвикување штета, на отворените општества им се потребни јасни и спроведливи правила на кои нивните функционери мора да се согласат кога ја даваат заклетвата при стапување на функцијата. Формалниот грејс период меѓу крајот на јавната служба и почетокот на кариера во приватниот сектор што беше прифатен од одредени земји повеќе не е доволен. Демократиите треба да бараат нивните функционери да потпишат правна декларација во која ветуваат дека никогаш нема да работат или да лобираат во каква било форма за странска недемократска влада, или за компанија чие седиште е во авторитарен систем. Ако веќе работат во приватниот сектор, не е премногу од нив да се бара да ги одбијат позициите кои во основа се сведуваат на продавање пристап до нивниот список со контакти.
Напорите не можат да запрат тука, новото обвинение против Манафорт тврди дека неговата операција зависела од мрежа лобисти, адвокати, офшор банки и тинк-тенкови. Ова е честа шема. Најголемиот број адвокатски фирми и банкари даваат слични услуги и тоа длабоко во рамки на законите,“ пишува Торстен.
Проблемот што самиот Торстен го гледа во целиот план се адвокатските компании и нивните правила за доверливост кон клиентите, плус тука се комплексните мрежи составени од лични врски и таинствени политички и финансиски канали преку кои се купува и продава влијанието на некогашните западни функционери.