Во нивниот пример тие се залагаат за поддршка на истополови бракови, а резултатот е дека човек може да се убеди да даде поддршка на каузата, и тоа посебно успева ако во ова го убедува геј. Тие откриваат и продолжен ефект, според кој луѓето кои живеат со човек кој разговарал со геј анкетарот почнале да даваат поголема поддршка на истополовите бракови.
Ваквиот резултат е спротивен речиси на сите претходни истражувања, кои покажуваат дека политичките ставови на луѓето се племенски и претежно непробојни на рационално разубедување. Неколку заеднички студии на Дартмут колеџот и Универзитетот Ексетер, покажуваат дека поправањето на неправилните ставови на луѓето, на пример за присуството на оружје за масовно уништување во Ирак, може да има контра ефект и да ги натера уште посилно да се држат до своите погрешни верувања.
"Студијата на ЛаКур и Грин (УКЛА и Колумбија) стоеше наспроти сета оваа литература, покажувајќи дека рационалното разубедување всушност е возможно. 'Изгледаше како да имаа измислено нешто ново,' изјави. Ира Глас во сегментот за студијата на Дис Американ Лајф. А во мојот текст на темата од 8-ми април минатата година, јас заклучив дека 'она што ЛаКур и Грин го откриле е еден вид на чудо,'" пишува Дилан Метјус во Вокс.
Откако се покажа дека заклучоците се премногу неверојатни, Грин ја повлече студијата, а истото го побара и од журналот Сајанс. Излезе дека ЛаКур ги местел резултатите и бројките.
Измамата ја откриваат двајца постдипломци од Беркли кои се обиделе да направат продолжение на студијата. Како што се задлабочиле во деталите така почнале да излегуваат проблеми: имало повисока стапка на одговори од очекуваното, а и самите одговори на луѓето се поконзистентни од нормално. Двајцава пробуваат да ја спроведат истата студија, и кога не им излегува се јавуваат во компанијата која го спровела анкетирањето. Од таму им кажуваат дека никогаш не чуле за овој проект, ниту пак дека воопшто имале капацитет да спроведат студија од рангот на она што Грин и ЛаКур го опишуваат.
Двајцата од Беркли го контактираат Грин и ангажираат професор од Јеил, по што наведуваат 8 нерегуларности во студијата.
"Наједноставното објаснување за нивните резултати е дека ЛаКур земал веќе постојна студија, додал малку галама со статистика, и резултатите ги преставил како бројки од анкетирање," пишува Метјус.