Како дел од судските натегања со кои извршниот директор на Тесла и СпејсИкс пробува да се повлече од купувањето на Твитер, судот во Делавер објави стотици текстуални пораки и е-пошта испратени до и од Маск.
Овој редактиран документ од 151 страница е извонреден, воајерски запис за неколку месеци од животот на најбогатиот (и најекспониран) човек во светот и редок директен поглед во пресеците на Силициумската долина, медиумите и политиката.
Текстовите се сочни, но не затоа што се грозни, навредливи или обелоденуваат некаков скандалозен мастер план на Маск - сосема спротивното. Она што е просветлувачко за пораките на Маск е колку моќните луѓе во неговите контакти се неимпресивни и неимагинативни увлакачи.
Ако ви кажат дека во еден бреинсторминг не може да има лоши идеи, тој немал пристап до телефонот на Илон Маск.
„Стварно вака се тера големиот бизнис?“ е реакција на многумина кои го виделе телефонското досие изненадени што во тој свет нема стратешки мисли или промислени анализи, туку главно климање со глава и желба да се тинтраат идеите на Маск.
А во пораките се сè „мој до мојега“: извршни директори на моќни компании, мрсни инвеститори, влијателни капиталисти и политичари...
„Ти ја обожавам идејата за алгоритмите,“ ќе му пише на Маск основачот на Палантир, софтверска компанија која има приход од 1,5 милијарди долари годишно.
„Со тебе сум 100%“ ќе му даде до знаење извршен директор на една голема консултантска куќа.
Само 30 минути откако Маск ја обелодени намерата да го купи Твитер, инвеститор му пратил акциски план како Твитер дебело да се монетизира: да воведе платено членство и да дозволи спамирање во приватни пораки.
„Замисли Џастин Бибер на своите фанови да им понуди нешто во приватна порака! За секунда ќе продаде милиони. Ќе биде лудо!“, му пишува инвеститорот на Маск.
Откако баш запнал да ја споделува својата "генијалност" на долго и широко, Маск му има пишано да престане, по што овој скрушено му се заколнал на лојалност и му пишал „само сакав да помогнам“.
Друг инвеститор веднаш му понудил 250 милиони долари инвестиции во Твитер, на што Маск кратко се заблагодарил но кога подоцна го прашал колку поточно е подготвен да инвестира, овој - ни анализи ни дју дилиџанси - му одговорил:
„Па, милијарда, или колку ќе препорачате...“
И самиот Маск не е некој беспрекорен генијалец упатен во секој најмал детал на идеите кои ги тера. Има и кај него површност, како кога истовремено бутка две контрадикторни политики: и да се забранат спамирањата и ботовските армии но и да се остави сè што е легално (спамирањето и ботовските армии технички се легални).
Ваквата неупатеност во финесите на проблемите и не мора да биде зачудувачка со оглед на тоа со какви сè пациенти тој контактира. Еден од таквите (инаку ЦЕО на компанија со 15.000 вработени и приходи од 3,3 милијарди долари) му пишал „стратегија за Твитер“ во која првата точка гласи:
1. Да се реши слободата на говорот!
И толку за тоа, ништо понатаму! Ко да е тоа така. А потоа истиот директор блада за некаков „пазар на алгоритми“ па ако корисник не е задоволен со содржината што ја гледаш, да може да смени алгоритам.
Обичните смртници често фантазираат за тоа како ли е во светот на ултра богатите и убер моќните, и што сè нема таму, само што тие не можат да го видат.
Пораките од телефонот на Маск даваат неретуширан увид во тој свет кој е ист како и обичниот: полн со површни ликови или сервилни шупаци. Само што овие имаат пари ко говна.