Стивен Фрај прогласи смрт на класичниот либерализам

„Ние станавме нерелевантни демоде посматрачи“, констатираше актерот, писател и комичар Стивен Фрај во својот говор на „Фестивалот на опасни идеи“, во чест на човекот кој го има отворено фестивалот, Кристофер Хиченс. Дур не ни текне нешто попаметно, можеби треба да се тргнеме од политиката и да пробаме да бидеме добри едни со други, предлага тој. 

„Ако политиката е толку токсична, зошто ние едноставно не би излегле од тоа?“ ја запраша Фрај својата австралиска публика и за чудо, наиде на очигледно разбирање. Велиме за чудо, бидејќи таа фестивалска публика обично e наштимана на политички ангажман, учество, партиципација, активизам. Ама згаденоста од политиката и што сè таа има затруено во последно време ја направи оваа - нам на сајтот одамна блиска - разбирлива дури и оваа позиција. 

„Голем кањон се има отворено среде човештвото. Од една страна ја имате новата десница која промовира бизарна мешавина на христијанство и либертаријанство а од друга страна ви се левичарите, опседнати со идентитетски политики кои везден се жалат на работи како културна апропријација. Тие две фракции водат војна горе а сите ние други посматраме од дното на кањонот“, вели Фрај.

„На тоа ли ќе се сведе фината уметност на несогласувањето, да фати чума во двете куќи?“, шекспировски запраша тој.

Годинешново издание на фестивалот поминало во промислување токму на тие рапидни промени во модерната политика и анализи на битките меѓу новата десница и новата левица, битки кои имаат малку заедничко од она што некогаш се подразбираше а раѓаат чувство на неизвесност каде тој конфликт води.

Дури и случувањата околу самиот фестивал ги одразуваат ваквите промени. Тој лани се оддели од својот ко-основач, Сиднејската опера, која посака да има свој фестивал со програмска идеја да биде исклучиво „прогресивен“. Стариов фестивал пак, кој го има отворено Кристофер Хиченс во 2009-та година, инсистира на својата контроверзност која ја сугерира и името па таму можат да се слушнат  анализи за „предностите на економската нееднаквост“ и слично. 

А не се само говоранции. Интересен дел од програмата е таканаречениот Manwatching, едночасовен монолог кој се одвива по следниве правила: текстот мора да е напишан од женски автор и да се однесува на најдеталните пикантерии од нејзиниот сексуален живот а да го изведува машки актер кој претходно го нема видено текстот.

5 ноември 2018 - 12:47