Сибир како главна награда

За веројатно да покаже дека е факман за социјални медиуми, руски министер на Инстаграм понуди таинствена награда. После цела бука, испадна дека наградата е парче земја во вукојебина на истокот, земја која владата и онака ја дава бесплатно. За кршот да биде комплетен, наградата од министерот ја доби кутра девојка која веќе живее таму.

„Тагни свој пријател и погаѓај што ли би можело да биде главната награда“, напишал демек загадочно на Инстаграм рускиот министер за развој на далечниот исток, Александар Козлов.

За само неколку дена добил 8.000 одговори, од онакви дека најверојатно се работи за вечера со него до оптимисти дека министерот ќе оди предвреме во пензија.

На крајот Козлов обелодени дека се работи за -тадаам! - еден хектар бесплатно земјиште во Сибир. Мал проблем е што руската држава и онака дава еден хектар бесплатно земјиште на Сибир на сите кои би биле заинтересирани да се населат таму. „Хектар на далечниот исток“, така се вика проектот.

Реакциите беа очекувано строги кон Козлов: дека е несериозно руска земја да се нуди во наградна игра, дека е безобразно да се претставува како награда нешто што веќе е дел од државен проект, дека е глупо да се дава нешто што никој го нејќе, дека Сибир нема да се насели со вакви трикови и дека би било попаметно Козлов да се позанимава со реалните проблеми на оние кои веќе живеат таму а немаат ни патишта ни основни сервиси како струја и вода. А заради тоа што понудата им се чинела примамлива, откако проектот „Хектар“ беше стартуван во 2016-та година, околу 70.000 луѓе се имаат доселено во тој регион.

„Јас имав заборавено дека сум учествувала во играта па другарките ме потсетија и ми кажаа дека сум победник“ изјави 29 годишната Гаина Сорокина, дипломирана лекарка која веќе живее во источниот регион Амур.

Козлов се чудеше зошто толку енергија се потрошила на критикување на неговиот потег, кој по негово скромно признание, му одзел само 10 минути, да го смисли и објави на Инстаграм. Колку му е летнало нему пилето зборува и тоа дека на останатите 13 учесници кои исто така ја погодиле главната награда, Козлов им ветил дека ќе им прати разгледница со негов своерачен потпис. 

23 октомври 2018 - 11:38