Што ќе се случи кога разузнавачите ќе одлучат дека Трамп е премногу опасен за да биде претседател?

Прашањето и размислувањето е поттикнато од растечкиот јавен активизам на поранешни вработени на ЦИА, што се смета за најнеочекуваната последица од претседателството на Трамп.

На 6-ти ноември две поранешни офицерки на ЦИА, и двете демократи, беа избрани за американскиот Конгрес, и двете во своите платформи го имаа интегрирано своето знаење од разузнавањето.

Освен нив, Трамп стандардно има недоразбирања со сегашните и некогашните први луѓе на американското разузнавање. Кога Трамп се обидува да ги укине безбедносните пермисии што ги има поранешниот директор на ЦИА, Џон Бренан, над 70 поранешни разузнавачи потпишуваат отворено писмо во кое постапката на Трамп ја нарекуваат закана за слободниот говор.

„Некаде на половина од првиот мандат на Трамп, овие поранешни разузнавачи се гледаат себе како бранители на загрозената демократија. Претседателот и неговите симпатизери гледаат кабала на ’дип стејт’ радикали чија цел е уривање на волјата на народот,“ пишува Џеферсон Морли во текстот за Салун.

Проблемот што разузнавачите го имаат со Трамп, не се базира толку на неговите политики и одлуки, колку на неговиот презир кон разузнавањето и системот кој работи зад тоа.

„Агентите на ЦИА може и на неоконзервативецот Џорџ Буш и во интернационалистот Барака Обама да им го доверат својот арсенал затоа што веруваат дека, без разлика на политиката, и двајцата претседатели се рационални актери. Кај Трамп, тие ја немаат таа доверба.

Презирот на Трамп кон разузнавачката професија, надополнет со неговите заговори за ’дип стејт’, ги тера оперативците на агенцијата да се чувствуваат професионално ранливи, што веројатно се случува за прв пат. Нерационален претседател ги растури нивните аполитички претензии и ги присили да преиспитаат кои се потребите на нивните клучни верувања,“ објаснува Морли.

И други аналитичари го делат истото мислење, како поранешниот вработен на агенцијата и автор на книгата „Духовите на Ленгли“, Џон Прадос, според кого не се работи за тоа дека ЦИА станала или полиберална, туку дека гласачкиот блок кој му донесе победа на Трамп сега е подлабоко навлезен во крајна десница.

Очекувањето на поранешниот портпарол на ЦИА, Кент Харингтон, е дека во следните две години недовербата меѓу американскиот претседател и неговата разузнавачка заедница само ќе продолжи да расте. Ова не се должи само на тоа што двете страни не се поднесуваат, туку и затоа што разузнавачите ќе мора да ги исполнат барањата на сега доминантно демократскиот Претставнички дом на САД и по потреба да спроведуваат истраги околу Трамп.

26 ноември 2018 - 10:40