Само 13 места на планетава имаат асален воздух

Лани само во шест држави и седум територии во светов имало воздух кој ги задоволува стандардите и упатствата на Светската здравствена организација да биде наречен здрав воздух. Сите други просечно вдишуваат нешто шкарт. Како тоа мислите ние кај сме? 

Извештај на компанија која го следи квалитетот на воздухот ширум светот, откри дека просечното годишно загадување на воздухот во приближно 90% од анализираните земји и територии ги надминува упатствата за квалитетот на воздухот на СЗО.

Бил мониториран и анализиран воздухот во 131 држава. Среќни дишачи се оние во Австралија, Естонија, Финска, Гренада, Исланд и Нов Зеланд како и на седум територии на Пацификот и Карибите.

Нивниот воздух ги исполнува стандардите на СЗО по кои треба да се има во просек најмногу до 5 микрограми загадувачи на кубен метар.

Седум земји – Чад, Ирак, Пакистан, Бахреин, Бангладеш, Буркина Фасо, Кувајт и Индија – имаат исклучително лош квалитет на воздухот што далеку ги надминува упатствата на СЗО, со просечна загаденост на воздухот над 50 микрограми на кубен метар.

Студијата конкретно ги истражувала ситните честички PM2.5, кои се најмали но и најопасни. Кога се вдишува, PM2.5 патуваат длабоко во ткивото на белите дробови каде што може да влезат во крвотокот. Доаѓаат од согорување на фосилни горива, бури од прашина и шумски пожари и се поврзани со голем број здравствени проблеми, вклучувајќи астма, срцеви заболувања и други респираторни заболувања.

СЗО ги заостри своите годишни упатства за загадување на воздухот во септември 2021 година, намалувајќи ја прифатливата количина на ситни честички од 10 на 5 микрограми на кубен метар.

„Ќе го искористиме Њу Делхи за да доловиме една друга, локално важна поента. Корисно е кога непријателот ќе добие име, затоа што така и борбата против него станува поопиплива. Ама не е корисно кога тоа име затскрива уште поопасен непријател. Денес сите горе-долу знаат за ПМ10 честичките. А со оние посмртоносните, ПМ2,5, што правиме?“ пишавме пред пет години во статијата „Њу Делхи се угуши, вие за Скопје се секирате“

 

15 март 2023 - 12:37