Њу Делхи се угуши, вие за Скопје се секирате

Ќе го искористиме Њу Делхи за да доловиме една друга, локално важна поента. Корисно е кога непријателот ќе добие име, затоа што така и борбата против него станува поопиплива. Ама не е корисно кога тоа име затскрива уште поопасен непријател. Денес сите горе-долу знаат за ПМ10 честичките. А со оние посмртоносните, ПМ2,5, што правиме?

Њу Делхи е град со 22 милиони жители. Тоа „град“ нагалено. Инаку е гасна комора со 22 милиони жртви. Деновиве тој некрополис повторно ги достигна рекордните цифри на загаденост на воздухот. Во делови од градот, индексот на квалитетот на воздухот достигна цифра од 999. Тоа е максимумот кој го покажуваат мерните инструменти (предвиделе само троцифрена бројка), инаку реалната вредност сигурно е и поголема. 

Тој индекс се базира на мерења на PM 2.5 честичките. А тие се далеку се поопасни од „нашите“ десетки затоа што се (4 пати) помали и полесно се вовлекуваат и лепат во длабочините на белите дробови.

ПМ2,5  е за честички помали од 2,5 микрометри. Ако се знае дека дијаметар на човечко влакно е околу 70 микрометри, тогаш овие се 30 пати помали од тој дијаметар. Ако десетките го зголемуваат ризикот од рак на бели дробови за 20-тина проценти, ПМ2,5 го зголемуваат за 36%. Загадувањето од ПМ2,5 особено ги погодува бебињата и повозрасните и се поврзува со лоши трендови на предвремени породувања и бебиња со помала тежина од нормалната.

Споредено со некоја позната величина, она што денес го дишат луѓето во Делхи е еквивалент од 45 цигари дневно. А тоа и не е најголемото попушување: во кинескиот град Шенјанг, луѓето во еден ден уфрлуваат во себе 63 цигари.

Ако кај нас се горат дрва, јаглен, гуми и други срања, проблемот на Делхи, освен автомобилите, доаѓа од навиката за масовно горење на она што останува после посевите. Земјоделци на север од градот годишно горат по 35 милиони тони таков материјал (кај нас 317.000 тони). А на честичките им требаат 3-4 дена за да стигнат од Пунџаб до Њу Делхи.

На глобално ниво се проценува дека од хронична изложеност на загаден воздух предвреме умираат 7 милиони луѓе годишно.

А една интересна студија за воздушните отрови кои го трујат мозокот пресметала дека од токсините кои ги дишат, Американците колективно имаат изгубено 41 милион IQ поени.

Само да го видите тој смог на Делхи, од едно видео постирано во Фејсбук група со име „Горд што сум Индиец“

 

9 ноември 2017 - 17:25