Трамп и Маск ќе частат со парите на УСАИД?

Доналд Трамп и Илон Маск се запалија за идејата да им вратат на Американците една петтина од парите што ќе ги заштеди одделението за владина ефикасност од кратењето непотребни владини трошоци. Тоа би значело поврат на десетици, можеби и стотици милијарди долари на граѓаните. Оние 40 отсто што не плаќаат данок, да не чекаат поштарот да им заѕвони ни еднаш ни двапати.

Критичарите велат тоа е рецепт за инфлација и дека нема легална основа да се спроведе доколку Конгресот не усвои соодветен закон. Но, и Џо Бајден направи нешто слично за време на пандемијата на ковид, кога им испрати чекови од 1.200 долари на Американците.

Идејата за „ДОГЕ дивиденда“ ја даде Џејмс Фишбек, шеф на Управниот одбор на инвестициската фирма „Азорија“. Тој пресметал дека секое домаќинство во Америка би добило по 5.000 долари, ако Одделението за владина ефикасност ја исполни целта и скрати непотребни трошоци од 2.000 милијарди долари.

Маск го поздрави предлогот и најави: „Ќе провериме со претседателот“. Ентузијазмот на Трамп бил уште поголем.

Разгледуваме нов концепт според кој 20% од заштедите на ДОГЕ би споделиле со Американците, а со 20% да платиме долгови. Оваа политика ќе ги поттикне Американците да учествуваат во процесот за штедење пари, рекол Трамп пред инвеститори во Мајами.

Ова не значи дека 5.000 долари така лесно ќе стигнат до домовите.

Прво, не е сигурно дека ДОГЕ (Department of Government Efficiency)  ќе успее да скрати баш 2 билиони долари. Маск призна дека таа сума е најдоброто сценарио, но додаде „Ако се обидеме со 2 билиони, ќе ни биде полесно да добиеме 1 билион“.

Второ, економистите треба внимателно да пресметаат дали чековите на по неколку илјади долари за секое домаќинство ќе предизвикаат инфлација. Веќе имаат свеж пример. И Трамп во првиот мандат и Бајден во единствениот им испратија на Американците чекови за да им помогнат да ја надминат финансиската криза за време на пандемијата. Анализите покажале дека таа стимулација предизвикала пораст на инфлацијата за 2,6% на рекордни 9,1% во јуни 2022 година, пред да почне да паѓа. Цените во јануари биле за 3% повисоки во споредба со истиот месец лани.

Кевин Хасет, директор на Националниот економски совет на Белата куќа, објаснува дека инфлацијата не е загрозена, бидејќи владата и онака би ги потрошила парите ако не им ги даде на граѓаните. Ова не е исто со чековите од времето на пандемијата, кои направија подлабока дупка во буџетот.

Значи, при идеален развој на настаните, вкупно 79 милиони домаќинства на даночни обврзници би можеле идната година да очекуваат чекови од 2.000 до 5.000 долари, во зависност од тоа колку пари ДОГЕ ќе заштеди до јули 2026 година. Поштарите нема да им заѕвонат на портите на околу 40 отсто од Американците што не плаќаат данок.

21 февруари 2025 - 09:18