При толку многу проблеми, критично важни за стабилно функционирање на државата, нашите власти решиле „од добро седење“ да го менуваат државниот грб, еден од симболите на државноста што досега никому не му пречел.
1. Изгледа како да не им е јасно дека останавме речиси без државно производство на електрична енергија, односно моментално само околу 40% од нашите потреби ги задоволува државниот ЕЛЕМ, а остатокот се увезува или се купува од домашните приватни компании, но по берзански цени. Дури и тоа што ЕСМ го произведува, доаѓа по цена на продлабочување на нивната загуба, со темпо од стотина милиони евра годишно, заради јазот помеѓу производствената цена и гарантираната откупна цена.
Воодушевено објавуваат за изградба на скромни електроенергетски капацитети од сонце и ветер од по дваесетина мегавати во Битола и Богданци, додека истовремено ги раскрчмуваат на странски инвестициски фонд најдобрите локации за 54 ветерници со вкупна инсталирана моќност од 500 мегавати, од што како граѓани не само што нема да видиме никаква корист, туку се лишуваме и од локациите за идна сопствена изградба, доколку утре дојде на власт некаква поразумна и подомаќинска власт.
2. Увезуваме 70% од земјоделските производи, а заедно со преработената храна дури 85% од потребната храна. Властите немаат никаква намера ниту идеја да започнат со сопствено домашно производство на храна, што би претставувало најдобра заштита од растечките цени и од уривање на стандардот на населението. Без земјоделство и енергетика Македонија не може да се нарече самоодржлива држава. Иако оваа тема беше прилично експлоатирана во предизборието, сега на неа сосема заборавија и се зафатија за нешто што никогаш претходно не било тема.
3. Што да се каже за здравството, не знаеме од каде попрво да започнеме. Последната вест беше дека на клиниката за онкологија владее невиден метеж, а луѓето со сериозни дијагнози кои доаѓаат таму од целата држава мораат да чекаат по цел ден за да им дојде редот за примање на терапијата. Додуша докторите и сестрите работеле и дури не користеле ни паузи, но едноставно капацитетот не е соодветно димензиониран за толкава навалица и бара проширување. Ниту за вакви прашања никој особено не се грижи, бидејќи државниот грб им е поважен.
4. Образованието е одамна опустошено, ама наместо веднаш да пристапат кон затворање (или барем сопирање на уписите) на стотина факултети, нас нé замајуваат со затворање на 4 (четири!) неактивни институти, кои дури и не направиле никаква штета од проста причина што немале студенти. Ниту ова прашање за нив не заслужува внимание.
Погорните проблеми не се мали, ниту лесни за решавање, ама луѓето кои дошле на власт се нафатиле дека ќе ги решаваат, наместо да денгубат, да се занимаваат со несуштински работи и да прават штети.
Како прво, на државниот грб ништо не му фали. Со него сме го поминале животот, го имаме на сите документи и дипломите, емотивно сме поврзани со него.
Второ, имаме преубав грб, грб што обединува, што одвај насобрал 80-ина години историја, а сега непотребно сакаат да нé вратат на почеток, да станеме тиква без корен.
Со овој грб Република Македонија ги доживеала своите ѕвездени мигови, изградено е сéто она што овие денеска не можат да го доразградат. Можеби тука се крие и мотивот за нивната намера за промена на грбот. Според Артур Шопенхауер, способноста на претходните, претставени помеѓу другото и преку државните симболи, ја потенцира неспособноста на денешните власти, поради што тие не сакаат да остават ништо што би ги потсетувало на сопствената неспособност.
Трето, насилно сакаат да донесат грб што не би бил прифатен од мнозинството граѓани во државата, слично како новото име.
Лавот со круна нема никаква допирна точка со современата македонска држава, туку тоа е некаков „земски грб“ од поранешна римска или којзнае чија провинција, па макар била и на Александар Велики, чиј ниту јазик не го знаеме. Освен тоа, грбот со лав воопшто не е оригинален, туку неодоливо потсетува на грбот на Бугарија. Ниту 10% од населението нема претстава што би претставувал таков еден грб. Од друга страна, би се лишиле од едно важно историско сеќавање, од времето кога Македонија реално добила сопствена државност. Патем, зар има нешто поубаво и покорисно за една држава од житно класје?
Но, врвот на глупоста е круната, бидејќи современа Македонија никогаш не била ниту кралство, ниту имала крал. Би станале предмет на потсмев и сожалување од страна на другите народи, со кои и досега сме имале проблеми дури и за многу побанални прашања. Дали ни треба сето тоа? Дури и во Србија, која порано била кралство, па ја поставиле круната на грбот, имаше многу полемики дали е тоа соодветно за една современа република.
Некои велат дека грбот потсетувал на реал-социјалистичките грбови на некои постсоветски републики. Ова не претставува никаков валиден аргумент. За споредба, грбот на НР Кина исто така прикажува класје од жито, па сепак Кина денеска е светски лидер во технологија, супербрзи возови, суперкомпјутери, роботика и вештачка интелигенција. Грбот со класје ниту нив ги направил заостанати, ниту пак нас лавот и круната ќе не направат понапредни. Не само што ќе останеме исти како досега, туку загубата на време за непотребни расправии околу новиот грб ќе нé попречи да се зафатиме со нешто конструктивно.
За наша жал, во власта седнале луѓе со намален ментален капацитет и без емоционална интелигенција, без способност за определување на приоритетите, луѓе кои загубиле секаков контакт со реалноста, кои не се во состојба здраворазумски да расудуваат и кои не можат да разликуваат добро од зло, корист од штета, сматок од јајце. Неверојатно е што не чувствуваат никаков срам (а отсуството на срам е прв знак на глупоста, според Жан-Жак Русо), ниту никаква емоција кон грбот на земјата во која пораснале и поминале поголем дел од животот. Им остана само инаетот и реваншизмот, што не водат никаде.
Останува да видиме дали барем коалиционите партнери ќе им помогнат да се опаметат, да престанат да прават глупости, да започнат да работат нешто корисно или пак незаситната глад за функции и нив ќе ги направи слепи при здрави очи, на наша голема штета. Со секој нов ден ни носат само нови разочарувања и предизвикуваат сé поголема антипатија и презир, наместо да донесат позитивна енергија во државата.