Германски рецепт за (поинаква) нуклеарна хаварија

На патот до нулта емисија („нет зеро“) на јаглеродни гасови, Германија заглави во ќорсокак. Затворањето на сите свои нуклеарни централи, најавено како потег што ќе ја спаси природата, како бумеранг ѝ се врати со енергетска криза, поскапување на струјата, празна државна каса и колапс на владата. Се разбира, и со враќање кон јагленот и тројно поголеми емисии на штетни гасови.

Долг и трнлив е патот до нулта емисија („нет зеро“) на јаглеродни гасови, по кој тргнаа речиси сите земји за да ја спасат планетава. На посиромашните земји им е потешко, а на индустриските им помагаат нуклеарните централи.

Германија тргна по свој пат, кој заглави во ќорсокак. Горењето јаглен, нафта и гас е заменето со енергија ветер и сонце. Го нарекуваат Energiewende, „енергетска транзиција“.

Јапонија итно ги исклучи своите нуклеарни реактори по хаваријата на „Фукушима даичи“ предизвикана од земјотресот и цунамито во март 2011 година. Хаваријата се покажа како порачана за германската Зелена партија и нејзината кампања против нуклеарните реактори. Иако Германија не памети земјотреси и нема голема закана од цунами, зелените  од позиција на коалициски партнер ѝ ја наметнаа својата агенда на тогашната канцеларка Ангела Меркел, па таа објави дека Германија до 2022 година ќе ги затвори сите 17 нуклеарни реактори.

Активисти на Гринпис позираа пред огромните оџаци со плакати на нуклеарни реактори прикажани како заклани диносауруси над кои херојски стои соларната енергија со меч и штит.

Првите реакции од јавноста беа негативни. Потегот го поддржаа само 34% од Германците, а 59% отсто го осудија, стравувајќи од неизбежни поскапувања на струјата. И се покажа дека се во право.

Дури и Јапонија, која беше жртва на хаваријата, се преиспита и не само што повторно ги вклучи реакторите во погон, туку гради и нови.

Германија тактизираше и го развлекуваше процесот до крајот на 2022 година, сè додека зелените не се вратија во владата и не се погрижија во април 2023 година да бидат затворени трите последни нуклеарни централи.

Некаде до тоа време германската индустрија беше приклучена и на руски гасоводи. По војната во Украина остана и без гас. Дури и моќниот „Фолксваген“ почна да затвора погони. 

Додека ги гасеше нуклеарките, Германија не можеше да ги задоволи потребите за струја, иако масовно вложуваше пари во проекти за ветерна и соларна енергија. По затворањето на вентилите на рускиот гасовод, Германија мораше да отвори стари термоцентрали што горат валкан јаглен.

„Нет зеро“ амбициите ја турнаа и владата. Коалицијата на Шолц се распадна поради дебата за буџетот за 2024 година, бидејќи министерот за финансии Кристијан Линднер, шеф на Слободните демократи, одби да потпише ново задолжување заради инвестициите за зелена енергија.

Берлин остана без пари, а со многу неплатени сметки, вклучувајќи ја и таа од 1 билион евра за затворање на реакторите.

Германската „Energiewende“ има пошироки последици. Енергијата што почна да ја цица германската индустрија ја крена цената на струјата. Норвешка дури побара да го исклучи главниот кабел што ја поврзува со Германија.

Канцеларот во заминување Олаф Шолц упорно тврди дека нуклеарната енергија е прескапа. Математиката кажува нешто сосема друго. Берлин досега потрошил близу 700 милијарди евра на затворање на реакторите, без притоа да постигне некаква еколошка полза од намалените емисии на штетни гасови за 25%. Ако работеле емисиите на штетни гасови ќе биле намалени за 73%. И сето тоа за двојно помала цена.

Наместо да се „прочисти“ со затворањето на еден од најзелените извори на енергија, Германија сега гори јаглен и во атмосферата испушта по 550 грама јаглерод диоксид на секој произведен киловатчас енергија. Франција, која се потпира на своите нуклеарки, испушта по 40 грама.

Тазе извештај на Институтот за глобални промени на Тони Блер потврдува дека отфрлањето на нуклеарната енергија дава мала климатска полза. Ако реакторите биле оставени во погон, глобалните емисии на штетни гасови би биле помали за 6%. Тоа се чини малку, но е еквивалентно на чадот од ауспусите на 460 милиони автомобили годишно, или колку вкупните емисии на штетни гасови од Канада, Мексико, Австралија и Јужна Кореја.

„Лекцијата е јасна: заменете ја рационалноста со идеологија и тоа ќе ве чини финансиски, економски и политички. Изберете да го префрлите функционалниот енергетски систем на непостојани и помалку ефикасни алтернативи и, порано или подоцна, сите ќе ја платиме цената“, пишува Зион Лајтс.

21 февруари 2025 - 12:01