Руските цртани од детството

Рецензијата е на Русин кој со родители во 1992-ра се сели во Лос Анџелес, и меѓу другите работи со себе носи и кутија со ВХС касети со комбинација на американските и руските цртани што ги гледал.

"Детските цртани се непроценлив извор за културолошка анализа. Се' е поедноставено, сведено на најнискиот заеднички именител. Пораките во нив ги претставуваат надежите и соништата на претходните генерации. Што очекуваме од нашите деца? Што сакаме тие да бидат? Што е социолошки важно?" пишува Жил Суздалтцев за Вајс.

Тајната на третата планета

"Директно зборува за надежите и соништата на идните генерации. Цртаниот е најоптимистичка верзија на научна-фантастика, иако имаше еден тон гротескни, вознемирувачки ликови од кои ќе имаш кошмари."


Ну, Погоди!

"Во основа е копија на Том и Џери, само што наместо мачка и глушец, има волк што не ја вади цигарата од уста и зајак кој наликува на дете. Уште повеќе, цртаниот е преполн со длабок културолошки контекст кој никогаш не го разбрав.

На една скорешна вечера што ја организираа моите родители, зборувавме со некои постари Руси за нивните сеќавања од советските цртани...

Една жена беше прилично специфична: 'Разликата меѓу Том и Џери и Ну Погоди! веројатно најдобро може да се види во волкот. Во американскиот цртан Том некое време го брка Џери наоколу. Тој е агресивен, забавен, ама безначаен. И ова не е лоша работа, меѓутоа освен психолошката анализа на желби и потреби, Том нема никакво друго значење, тој не претставува ништо културолошко. Волкот од друга страна, е одраз на бунтовната руска младина. Тој е хулиган, речиси буквално. Пуши, носи ѕвонарки (што е доста западно во тоа време), не е образован, и паметен е ама глуп.'

Тука мајка ми дополни: 'Од друга страна зајакот е добро момче. Тој го јаде својот зеленчук, и оди на училиште.'

На ова реплицираше друг гостин кој започна дебата со мајка ми:

- Волкот ја претставува работничката класа, а зајакот треба да биде интелигенција.

- Зошто мислиш така?

- Затоа што поентата е: кога работничката класа ќе ја заебе интелигенцијата, тие на крај страдаат за тоа.

Другите гости не се согласуваа со човекот, а тој им објасни дека кога се' е цензурирано, мораш да научиш да читаш меѓу редови. Мајка ми климна во знак на согласување."

 

Вини Пух
Жил дури неодамна сфаќа дека инспирација за Вини Пух е истоимениот лик од американските цртани, "меѓутоа тие не е можно повеќе да се разликуваат."

"Американската верзија е безволна приказна за мечето желно за мед и неговиот сопатник, Кристофер Роберт. Советската верзија е за хронично депресивна себична мечка која не може да најде среќа ниту во медот. Кога американскиот лик вели 'ах брате,' тоа е смешно. Кога рускиот лик го кажува истото тоа е душепогубно.

На вечерата еден од гостите ме посети на една сцена од рускиот Вини Пух кога тој го поканува прасенцето на вечера, го облака и потоа му ја врзува салфетката околу уста, и така спречувајќи го да зборува. Без никој гласно да го каже што било, не можеше да се игнорира споредбата со советската цензура."


Ежот в магла

"Веројатно најдобриот пресек на уметност, државно финансирање и фолклор е 10-минутниот филм кој се смета за најдобриот цртан филм што некогаш е направен 'Ежот в магла.' Приказната на ова ремек-дело од 1965-та, кој Хајао Мијазаки го нарекува еден од неговите омилени филмови е: еж оди низ шума за да ја најде куќата својот пријател мечката. По пат се губи низ густата магла, додека скришно е следен од еден був и налетува на еден бел коњ кој седи сам и не мрда. Откако ќе мине низ серија на непријатно реалистични застрашувачки настани, тој паѓа во река и се препушта на смртта. Потоа, недефинирано нешто учтиво прашува што прави тој во реката и го вади на брегот, каде што го наоѓа неговиот пријател мечката. Цртаниот завршува со ежот како се прашува дали белиот коњ ќе умре осамен во шумата.

Не заборавајте, ова е детски цртан за шумско животно. Тој без проблеми е најегзистенцијално депресивен и непријатен десет минутен филм што сум го гледал. Кога им го кажав ова на гостите на вечерата, тие ме загледаа како да сум идиот.

'Депресивен? Тој воскрева! Ова е самата суштина на советската култура. Нашата историја е обележана со комплетно немање контрола, и многу тешки услови. Не можеш да купиш храна, нема луксузи, постојан страв од полицијата, и се' е цензурирано во согласност со државната пропаганда. Цртаниот е за потпирање врз пријателите и семејството, и туѓинците кои би ти помогнале. Ова е обележје на руските книги и филмови од таа ера. Тој е многу инспиративен и многу длабоко убав. Секој што го преживеа СССР тоа го направи со помош на нашите пријатели и нашите сакани. Тоа е нешто што ти никогаш нема да го разбереш,' ми објасни мајка ми.

Остатокот од масата климнаа со главата во знак на согласување."

виа Вајс

3 април 2015 - 13:08