Путин уште му чува грб на Сталин

Во целото туркање меѓу Западот и Русија, Европскиот парламент минатата година донесе резолуција која ги изедначува нацистичка Германија и Советскиот сојуз како одговорни за почетокот на Втората светска војна, истиот Советски сојуз што имаше над 27 милиони жртви во војната против Нацистите, меѓу нив и братот што рускиот претседател никогаш не го запознал.

Од своја страна Путин иако јавно го има осудено Сталин за „култот на личноста“ што го создава, а методите што ги користи ги опишува како „неприфатливи“, неговиот став е дека Западот „претерано го демонизирал“ комунистичкиот лидер.

Во врска со Молотов-Рибентроп пактот, кој е основата по која Европскиот парламент го прогласува СССР за одговорен за почетокот на Втората светска војна, Путин во декември изјави дека Кремљ во тоа време (1939) морал да го потпише пактот за да купи време за да ја стегне одбраната на земјата откако Британија и Франција ја предале Москва потпишувајќи го со Хитлер Минхенскиот договор во 1938.

„Тие сакаат да ја префрлат вината за започнувањето на Втората светска војна од нацистите врз комунистите,“ порача Путин во едно телевизиско обраќање.

Путин во неколку наврати ја напаѓа и Полска обвинувајќи ја за „конспирирање“ со Хитлер, и нарекувајќи го полскиот амбасадор во нацистичка Германија „анти-семитска свиња“. Аргументите Путин стандардно ги надополнува со објавување документи од советските архиви.

Забелешката е дека ваквата либерална употреба на советските архиви Путин одбива да ја аплицира на делата за кои се обвинува Сталин. На состанок на неговиот совет за човекови права од декември минатата година кога од Путин е побарано да се создаде јавна база на податоци за убиствата извршени во време на Сталин, рускиот претседател изјавува дека постојат „големи ризици“ во отворањето на досиејата на НКВД (полицијата на Сталин, која подоцна се трансформира во советско министерство за внатрешни работи).

„Знаеме како НКВД работеше во триесеттите. Нема да биде пријатно за роднините да ги отвораме случаите на нивните предци,“ порачал Путин.

По речиси 15 години релативна отвореност, почнувајќи од 1991 по падот на комунизмот, Путин во 2006 речиси комплетно ги затвори архивите на КГБ.

Еден симболите во борбата за отворање на архивите за злоделата на Сталин е масовната гробница во Бутово, оддалечена на околу 30 километри од Москва, во која од 1937 до 1938 се закопани над 30.000 лица, главно припадници на елитата која не била наклонета кон Сталин. Во посетата на локацијата во 2007-ма, Путин изјави дека жртвите од Бутово биле „кремот на нацијата“. Жртвите се идентификувани дури по падот на комунизмот благодарејќи на желбата за соработка на тогашниот прв човек на руското разузнавање.

Слични масовни гробници постојат низ целиот поранешен Советски сојуз, во кои се закопувани жртвите на Гулаг системот на Сталин. Во гулазите на Сталин се депортирани или егзекутирани речиси 27 милиони луѓе, и на добар дел од нив не им се знае крајот. Освен за овие луѓе, на сметка на Сталин паѓа и смртта на милиони луѓе кои умреле од глад како последица на масовната национализација на житни резерви и земјиште како дел од колективизацијата што ја воведува тогашниот советски лидер.

13 февруари 2020 - 13:44