Правични избори се математички невозможни

Математички анализи покажале дека ниту еден од актуелните изборни системи низ Европа не може совршено да ги усогласи локалната застапеност, пропорционалните резултати на национално ниво и парламент со фиксен број пратеници, кога бројот на партиите ќе надмине одреден праг. Државите сами избираат од кој критериум да се откажат за да обезбедат фер резултати.

И пропорционалните и мнозинските изборни системи вклучуваат пресметани компромиси помеѓу волјата и застапеноста на гласачите на локално и на национално ниво, покажува истражување на математичари од Кембриџ и Универзитетот во Копенхаген. Отстапувањето од праведната застапеност станува повидлива кога гласачите може да се определат за поголем број партии. 

Истражувањето било поттикнато од националните избори во Данска во 2022 година, кога бројот на освоени гласови и бројот на пратенички места не се совпаднаа за првпат по 75 години. Левиот блок освоил повеќе пратенички места иако доби помалку гласови од десниот блок.

Данска користи двостепен пропорционален систем. Гласачите најпрво избираат локални претставници. Потоа се доделуваат дополнителни „израмнувачки“ места за да се доближи уделот на пратенички места на секоја партија до нејзиниот удел во националните гласови. Во 2022 година имало 40 „израмнувачки“ места, но тој број не бил доволен, бидејќи гласовите биле распределени на многу партии.

Тоа речиси го урна системот. Крајниот резултат беше дека социјалдемократите добија едно место повеќе отколку што соодветствуваше на нивниот број гласови. Тоа е занемарливо, но во двостепен систем не би смеело да се случи. Отстапувањето беше драматично поради фактот што токму тоа едно место ги одлучи изборите, изјави коавторот на студијата, д-р Фредерик Равн Клаусен од Катедрата за математика и математичка статистика при Универзитетот во Кембриџ.

Истражувачите ги споредиле изборните системи, вклучувајќи го британскиот мнозински модел и пропорционалните што се користат во поголемиот дел од Европа. Идентификуваа три клучни карактеристики за правичност: Регионална застапеност; Пропорционалност - вкупниот број пратенички места на национално ниво да одговара на гласовите; и Фиксна големина на парламентот од едни до други избори.

Штом ќе се достигне одреден број политички партии, една од овие три компоненти мора да се жртвува, бидејќи во спротивно математиката едноставно не функционира, изјави Клаусен.

Владите ги решаваат ова ограничување со ослабување на еден од трите принципи. Бундестагот се прошири од 598 на 736 пратенички места во 2021 година, бидејќи постојано бројот на дополнителни места потребни за одржување на пропорционалноста. Реформите воведени во 2023 година спречија неограничено проширување на законодавниот дом, но истовремено ја укинаа гаранцијата дека секој победник на локално ниво ќе влезе во парламентот.

Британскиот мнозински систем ја жртвува пропорционалноста. Општите избори во 2024 година резултираа со најмалку пропорционален исход во историјата на земјата - Лабуристичката партија освои 63% од пратеничките места (411 од 650) иако доби само 33,7% од гласовите. Партијата Реформ УК со 14,3% од гласовите на национално ниво обезбеди само 5 мандати.

Ни алтернативата што ја нудат математичарите не е сосема правична. Вкупниот број пратенички места за секоја партија на национално ниво би се одредувал исклучиво врз основа на нејзиниот вкупен удел во гласовите. Партијата што би освоила 20% од гласовите би добила 20% од пратеничките места. Поединечните изборни единици потоа би се рангирале според тоа колку успешно секој кандидат настапил на локално ниво, сè додека секоја партија не ја пополни својата национална квота. Но, според овој модел кандидат би можел убедливо да победи во локална изборна единица, а сепак да не влезе во парламентот доколку неговата партија веќе ја пополнила својата квота со поуспешни резултати на други места.

Не постои совршен систем. Сепак, може да се каже дека некои системи функционираат подобро од други, вели Клаусен.

4 август 2026 - 11:10