Ескадрон од 1.700 приватни авиони пристигнуваат во швајцарското место во кое редовно се одржува влијателниот форум на кој се третираат горливи глобални проблеми, меѓу кои климатските промени се стандардна рубрика.
За да може да ги примат сите летала на богатите а глобално освестени аџии, Швајцарија мораше за првпат во својата историја да отвори една своја воена база.
Но, за добра кауза. Беше најавено дека нобеловецот Ал Гор "преку силна визуелна нарација" ќе проговори што треба да биде следно во борбата со климатските промени а еден од најочекуваните говорници на истата тема ќе биде Фарел Вилијамс (Happy).
Тема на самитот на кој присуствуваат над 40 светски лидери, 2.500 бизнисмени и огромен број новинари ќе биде и светската сиромаштија. На тоа конто самиот град ќе инкасира околу 50 милиони долари. Хотелските цени во овој период се и до 4 пати поскапи од вообичаените а котизација за учество на битните седенки знае да чини и до 50.000 долари по човек.
Пишувавме претходно и за една слична ситуација, кога додека расправаше како да ѝ се помогне на планетата Земја, светската климатска елита во Лима произведе јаглерод диоксид колку една африканска држава.