12 дневниот климатски самит на Обединетите Нации се одржа во Лима, Перу и беше на работ да доживее комплетно фијаско. Дури и рокот за одржување на самитот беше пробиен за на крај сепак да се постигне каков-таков договор кој ќе служи како основа на финалниот документ кој треба да се прифати во Париз идната година а со кој ќе се замени постоечкиот договор од Кјото кој сам по себе е фијаско бидејќи меѓу другите, одбија да го прифатат и Американците.
Во Лима допатуваа претставници на 192 држави. Политичари, зелени бирократи, активисти.... вкупно 12.500 загрижени и главно предобро платени учесници и организатори кои за време на самитот произведоа 50.000 тони јаглерод диоксид, рекордна оставштина откако се водат разговори за подобрување на околината.
А тоа е количина рамна на онаа што во ист период ја произведува држава како Сиера Леоне.
Првичниот план за климатскиот самит да се користи чиста енергија се изјаловил па главно биле користени дизел агрегати а била упропастена и површина од 11 фудбалски игралишта која била асфалтирана за на неа да се наместат потребните инфраструктурни објекти.