
Во ова време пазарот е преплавен од купувачи од најголемите светски ресторани, хотелски ланци и супермаркети, кои тука се дојдени за дневната набавка за месо, риба, зеленчуци и цвеќе. Кога овие ќе завршат, на ред доаѓаат помалите ресторани и продавници (кои го немаат премиум пристапот) за да изберат од тоа што останало. Ретко кој "цивил" има дозвола да разгледува на пазарот.
До 1969-та, пазарот на големо беше во центарот на Париз. Меѓутоа затоа што беше неверојатно нехигиенски и далеку помал, без опција за проширување, се одлучија на изградба на нова локација во областа Рунгис, во близина на аеродромот Орли. Новиот пазар има површина од 231 хектар (над 2,3 милиони метри квадратни), во работат околу 1.000 фирми и има над 11.000 вработени.
Павилјоните се поделени според содржината - зеленчук, месо и риба, сирења и млечни производи, и цвеќе. Од пазарот купуваат прекупците на сите помали пазари во Париз, а истото важи и за сите маркети од Париз кои набавуваат директно од Рунгис. Околу 65% од сите производи од пазарот се препродаваат во Париз. На пазарот отпаѓа една третина од вкупниот француски извоз на земјоделски производи, а годишните приходи од Рунгис се над 8,8 милијарди евра.