Светот одеднаш го снемува и потоа истиот тој свет одеднаш од никаде се појавува!
Па има ли боља забава од тоа?
Како што знаат бебињата и малите деца - нема.
Ние поголемите сме живи гревови бидејќи постоењето на светот го земаме здраво за готово, па рачунаме дека секогаш ќе го има. А како што ќе видиме еден суден ден, таа претпоставка (дека светот секогаш е тука за нас) е една од најголемите илузии во нашите зрели животи.
Што е тоа што толку ги забавува децата во таа игра што можат одново и одново да ја играат?
Па, децата не читаат книги, не разговараат со пријатели, не сурфаат. Тие имаат многу малку алатки да го сознаат светот околу нив а играњето "ѕе"! е една од најефикасните.
Бебињата доаѓаат во сеопшта конфузија и постепено мора да сфатат што се случува околу нив. Најобични работи, на пример, ако слушнеш нечиј глас, да знаеш дека човекот не може да е многу далеку од тебе. Или, кога ќе отиде топче под кревет, дека тоа топче иако не се гледа веќе, сепак и натаму постои.
Пикабу гради еден од темелите на кои ќе почива мислата на возрасниот. А тоа е, како што го нарече швајцарскиот развоен психолог, Жан Пијаже - "постојаноста на објектите", една од главните лекции во првите две години од животот.
Значи, не е само забавата во прашање, оваа игра на бебињата им дава шанса одново и одново да го тестираат фундаменталниот принцип на постоењето; дека објектите се тука дури и кога не ги гледаме.
Од друга страна, "Ѕе!" ja користи истата структура како секој добар виц - изненадување, балансирано со очекувањето.
Научници си играле малку на темава со бебиња од различни возрасти, но користеле и "ѕе!" со трикче, кога ќе се изгуби еден човек а ќе се појави друг, или пак кога истиот ќе се појави, ама на друго место.
Утврдиле дека на бебињата, особено на помалите им е многу посмешно нормалното "ѕе!", отколку оние со трик (трикот знаат подоцна да го ценат).
Повторно, како и кај вицот, успехот на финтата зависи од способноста да се сфати крајот. Трик пикабуто ги збунува и им го ремети дотогашното знаење за тоа како функционира светов.
Бескрајното играње "ѕе!" нуди совршен баланс наа играње, забава и учење. Бебињата го осознаваат светот, сфаќаат што во него можат да контролираат а што сè уште ги изненадува. За среќа, нивните реакции ни се крајно неодоливи па доброволно им влетуваме во шемата, мислејќи дека им е мерак што нас нè гледаат среќни.