Лимузините во кои Ким Јонг Ун се возеше во Сингапур, Ханој и Владивосток, со товарен авион беа разнесувани од Пјонгјанг до неговата следна дестинација. Станува збор за Мајбах С62 и Мајбах С600, возила кои чинат од 500 илјади до 1,6 милиони (од парче), и до кои Јонг Ун успева да дојде и покрај сè построгите санкции против неговата земја, според кои тој не би смеел ни на слика да ги погледне. Минатата година Јонг Ун со Ролс-Ројс Фантом го пречекува американскиот Државен секретар Мајк Помпео.
Некаде во 2006-та на барање на Џорџ Буш, Обединетите нации воведуваат санкции на продавање луксузна стока на Северна Кореја, кои меѓу другото ги опфаќаат и автомобилите што ги вози тамошниот владетел.
Сомнежот е дека луксузните автомобили се овозможени од истите луѓе кои продолжуваат да му испорачуваат возила на технологија на Пјонгјанг неопходна за збогатување ураниум.
Њујорк тајмс во соработка со Центарот за напредни одбранбени студии (Center for Advanced Defense Studies - ЦАДС) го следи патот на еден пар блиндирани Мајбах С600 кои од Европа стигаат до Источна Азија.
Патувањето започнува на пристаништето во Ротердам, каде во јуни 2018, камион испорачува два запечатени контејнери, во кои има по еден Мерцедес од 500.000 долари. Контејнерите се во сопственост на Кина коско шипинг корпорејшн, ама не е јасно кој е нивниот прв купувач. Од Дајмлер изјавуваат дека Мерцедес прави проверка на потенцијалниот купувач на возилата за да се осигури дека компанијата не продава на некој што ги прекршува санкциите.
Возилата со брод 41 ден патуваат до пристаништето Далиан на североистокот од Кина. На 31-ви јули, на денот на пристигнувањето, тие се истоварени од бродот и остануваат на пристаништето до 26 август. Тогаш тие се качени на брод до Осака. Од таму, тргнуваат на 3-дневно патување до јужнокорејското пристаниште Бусан, каде пристигнуваат на 30 септември.
Тука се случува и најматниот дел од целата операција, во кој возилата на еден ден по пристигнувањето се префрлени на брод кој плови под знамето на Того, ДН5505, и патува кон пристаништето Накходка, на крајниот исток на Русија.
Тогоанскиот брод и припаѓа на фирма регистрирана на Маршалските острови, и иако тоа не се гледа од регистрацијата, најверојатно на име на рускиот бизнисмен Даниел Казачук, кој исто така е сопственик на панамскиот нафтен танкер Катрин. Според документите до кои доаѓа ЦАДС, Казачук само околу еден месец во 2018 е наведен како сопственик на танкерот, а неговата компанија станува сопственик на ДН5505 на 27 јули, на неколку дена пред двата Мерцедеси да пристигнат во Далиан.
Кога го напушта јужнокорејскиот Бусан, бродот ДН5505 ги гаси системот за идентификација и престанува да емитува сигнал.
Сигналот останува изгасен 18 денови, а кога повторно е вклучен, бордот веќе е во јужнокорејски води и сега е полн со 2.588 тони јаглен, кои подоцна ги истоварува во пристаништето Поанг. Според документите, бродот јагленот го товарил во Накходка.
Ни Центарот, ни Тајмс не знаат што точно се случило со возилата, ама една од претпоставките е дека тие со карго авион на Аир Корјо (севернокорејската државна авио-компанија) се пренесени во Северна Кореја. Ова тврдење се базира на документите според кои три карго авиони од оваа компанија на 7-ми октомври слетуваат во Владивосток, инаку соседен град на Накходка.
Според ознаките на опашката, ова се истите авиони што ги развозуваат лимузините на Ким Јонг Ун на неговите патувања.
Четири месеци подоцна, 31 јануари 2019, истиот модел на Мерцедес кој беше во бродските контејнери, се појави на улиците на Пјонгјанг.
Во февруари годинава, јужнокорејски власти во одделни акции ги запленуваат ДН5505 и Катрин. Првиот е запленет со 3.200 тони јаглен товарен во Накходка и се проверува дали товарот потекнува од Северна Кореја, што би било прекршување на санкциите. Катрин е запленет под обвинение дека пренесува нафтени производи во Северна Кореја.
Казачук за Њујорк тајмс изјавува дека тој како сопственик на бродовите не е одговорен за нивниот товар, и дека јужнокорејските власти тераат „државен рекет“ и можеби подметнале докази на неговите бродови.
Минатиот месец јужнокорејските власти започнаа со расклопување на Катрин. Според нив ова е направено по барање на Казачук, кој повеќе не сакал да ги плаќа трошоците за закотвување на бродот на пристаништето додека е запленет од нив.