Откако некое време беше на закани, планот за отцепување влезе во сериозна фаза кога на кампањата ѝ се приклучија околу 7.000 волонтери, кои почнаа да работат на собирање 585.407 потписи. Бројката е неопходна за на изборите во 2018 да се стави и прашањето за бришење на уставниот амандман за членство на Калифорнија во САД, по што во 2019 би се авторизирало одржување на референдум за независност на Калифорнија.
Аргументите за отцепување на Калифорнија од САД се прилично едноставни и разумни:
- Сојузната држава сè повеќе се разликува од остатокот на САД и културолошки и политички, посебно на темата имиграција и животна средина.
- Доволно е богата за да може сама да опстане и има БДП на ниво на Франција.
- Калифорнија е една од „донаторските држави“ во однос на тоа колку пари влегуваат во сојузниот буџет од неа, а колку се троши од сојузниот буџет за неа. Според една неодамнешна анализа, таа е на 46-то место по зависност од Вашингтон.
Имајќи ги предвид сите овие факти, и решителноста на луѓето и финансиската состојба и разликите меѓу нив и остатокот од САД, „процесот потребен за остварување на калегзит не само што е застрашувачки, туку во основа е невозможен“.
Најлесниот дел е да се стави прашањето на гласачкото ливче за 2018, за чие усвојување треба само 50% плус еден глас. Проблемот е кај потенцијалниот референдум за независност, кој правно не е баш најстабилен.
Како што објаснува Ед Килгор во Њујорк магазин:
„Да, според правилата на Калифорнија, тој ќе успее само ако на него излезат 50 проценти, а 55% од нив гласаат за независност. Ваквиот стандард е прилично висок, ако се има предвид дека референдумот не е во изборна година; на минатите меѓуизбори излезноста беше 42%.
Дури и ако успее референдумот во Калифорнија, тој ќе важи само ако и остатокот од Соединетите Држави се согласат околу него. Во бројки ова значи дека резултатите треба да бидат ратификувани од две третини од Конгресот и три четвртини од сојузните држави.
Единствената алтернатива на ова, унилатерално отцепување, е пробана во 1861, и како што можат да ви кажат луѓето што ја изучуваат историјата, ова не пројде баш најдобро (изби американската Граѓанска војна).“