Последните неколку децении Германија има инвестирано преку 200 милијарди евра во обновливи извори на електрична енергија, главно на сонце или ветер.
Во периодите кога побарувачката на струја е намалена, на пример за време на викенди кога големите потрошувачи не работат, или пак кога времето е невообичаено сончево, ваквите извори пуштаат во мрежата повеќе струја отколку што на корисниците им е потребно.
Настрана тоа што оваа непостојаност на обвновливите извори на енергија е проблем поради недоволната развиеност на технологиите за батериско складирање на струјата, во чисто економска смисла, ваквиот диспаритет меѓу понудата и побарувачката резултира со тоа што цената на струјата оди во минус.
Тамошното решение е такво што операторите не им даваат на граѓаните сува пара ама затоа им ги намалуваат сметките во наредните месеци.
Со оглед на тоа што складишната технологија каска зад рапидниот раст на обвновливите енергии за кои се проценува дека до 2040 ќе сочинуваат 40% од глобално произведената енергија, во иднина владите ќе мора да смислуваат посебни модели за мотивирање на луѓето да ја трошат струјата кога цената ѝ е негативна, за да се спречат проблеми во мрежата.
Заради невообичаено топлиот октомври, тој месец Германците минаа 31 час во кои им беше плаќано за струјата што ја трошат.