
Глобално истражување спроведено во 95 земји во светот покажува дека две петтини од луѓето и денес се убедени дека постојат вештерки што фрлаат магии или користат натприродни сили за да предизвикаат зло и штета.
Процентот варира од земја во земја. Во Тунис во вештерки веруваат 90% од луѓето, а во Германија само 13%. Стапката е поизразена во Африка и на Блискиот Исток, умерена е во Латинска Америка и во поранешните советски републики, вклучувајќи ја и Русија, а ниска е во Европа и САД. Од европските земји, најмногу се верува во вештерки во Грција.
Верувањето во вештерки е помалку распространето меѓу образованите и ситуирани луѓе, тврди економистот Борис Гершман од Американскиот универзитет во Вашингтон, автор на студијата „Верувања за вештерство низ светот: Истражувачка анализа“.
Од централна Африка често пати доаѓаат вести дека претепале до смрт жена за која сметале дека е вештерка. Во Танзанија и во Гана има отворено специјални центри за згрижување и изолација на жени обвинети дека се вештерки.
Но, линчувањата биле многу почести и помасовни во „цивилизираните“ Европа и Америка. Во периодот од 1450 до 1750 година биле погубени (обично јавно запалени) помеѓу 35.000 и 60.000 вештерки. Обвинувањата главно биле „фрлање уроци, предизвикување болести, угинување на стока, лоша жетва или пропадната зделка“.
Речиси три века изразот „лов на вештерки“ се употребува за да се опише апсурдност на политички или идеолошки прогон, но во северната хемисфера сè уште има луѓе што се претставуваат како вештери. И велат дека никому не му прават зло.
Како дете, во сказната за Јованче и Марика, слушате за лошата вештерка што јаде добри деца. Многу подоцна ќе научите дека тие всушност се мудри жени, вели за „Дојче веле“ Германка што се претставува како вештерка.
Жената објаснува дека од шамани научила да „разговара со дрвја“ и дека користи тапани за да падне во транс и да повикува духови.
Етнологот Ирис Гарајс објаснува дека од историска перспектива имиџот на вештерките како „мудри жени“ е клише. Оние што пред векови биле гонети и запалени не биле црвенокоси треварки туку обични жени. Таа не се согласува дека образованите луѓе помалку веруваат во магии.
За неа е несфатливо како многумина образувани луѓе денес веруваат дека гуштери се кријат меѓу луѓето и контролираат сè што се случува во политиката и стопанството. Во Америка во теоријата на рептили веруваат 12 милиони луѓе.
*****
Види и:
Во САД расте бројот на вештер(к)и
Каква врска имаат вештерки со пиво?
За рептилите:
Џабе се криете!