Историјата на пивото има еден горчлив, тотално немагичен сегмент поврзан со трансатлантска клевета и родови улоги.
До 16 век, правењето пиво било исклучиво женска работа, но негативната кампања со која биле нападнати влијае дури и на иконографијата околу вештерките до ден денес - од шилестата капа, до метлата.
Човечкиот род пие пиво речиси 7000 години и оригиналните производители биле жени. Од Викинзи до Египќани, го правеле за религиозни церемонии, а и за по дома да се има практичен пијалок богат со калории.
Од каменото доба до 1700-те, пивото било секојдневие по дома кај повеќето фамилии во Англија и други делови во Европа, како евтин начин да се конзумираат и да се искористуваат житни култури. За работничката класа, пивото обезбедувало богат извор на хранливи материи, јагленхидрати и протеини. И бидејќи толку често се конзумирало во исхраната на еден обичен човек, ферментирањето природно било една од многуте обврска на една домаќинка.
Некои бизнис-освестени жени, стручноста од дома ја пренеле на пазар и почнале да продаваат пиво. Вдовици или немажени ги користеле своите уникатни рецепти за екстра приход, а мажените жени заедно со нивните сопрузи го воделе бизнисот.
Што значи, ако се вратиме назад во времето, во Средниот век или ренесансата и отидеме на пазар во Англија, веројатно би го виделе следното: Жени со високи, шилести шапки. Повеќето од нив ќе стојат и покрај големи казани.
И не, не мешале напивки за претворање луѓе во жаби - правеле пиво.
Високите шапки ги носеле за муштериите да можат да ги забележат во гужва. Пивото го пренесувале во казани. А тие што го продавале пивото во продавници имале мачки, не како демонски придружници, туку за да бркаат глувци.
И како што жените почнувале да се етаблираат на пазарот за пиво во Англија, Ирска и остатокот од Европа, почнала Инквизицијата. Фундаменталистичкото религиозно движење кое потекнува од раниот 16 век проповедало построги родови норми и го осудувало вештерството.
На мажите што произведувале пиво им светнале очите. За да ја намалат конкуренцијата, ги обвиниле жените во браншата дека се вештерки и дека во нивните казани прават волшебни напивки, наместо пиво.
За жал, гласините издржуваат.
Со тек на време, станало поопасно за жените да произведуваат и да продаваат пиво затоа што можеле да ги обвинат дека се вештерки. Во тоа време, ваквото обвинување не значело само отфрлање од општеството - можело да значи и кривично гонење и смртна пресуда.
Некои од мажите не верувале во ваквите измислици, но многумина од нив секако сметале дека „жените нема што да арчат време правејќи пиво.“ Процесот барал време и посветеност: часови за да се подготви, да се метат подовите постојано и да се креваат тешки вреќи со јачмен. Кога не би губеле време на ова, би имале повеќе време да бидат дома и да растат деца. Во некои градови како Честер, во Англија, станало дури и нелегално жени да прават пиво, како превентива да не останат стари моми.
Машката доминација врз пивската индустрија останува: Десетте врвни пивски компании во светот имаат мажи на чело и главно мажи во управен одбор. Некои истражувачи, рекламите за пиво ги нарекуваат и „прирачници за машкост“.