Овој феномен не е нов. Од згодниот Џереми Микс, кој стана модел откако се објави сликата од полиција, до мемиња за фиктивниот лопов Арсен Лупен, интернетот одамна го има претворено воздивнувањето по „опасни“ мажи во шега.
Работата е што сега по интернет се шетаат две фотографии на кои се тврди дека се уапсените крадци на накит, и проверено или не, жените воздивнуваат и изјавуваат работи од типот „Еве, отворена ми е кутијата со накит, јас сум сама дома.“

Психолозите го нарекуваат овој феномен хибристофилија - форма на фасцинација или привлечност кон личности кои извршиле злосторства. Во дигиталната ера, сепак, повеќето случаи не се вистинска хибристофилија (како кога му пишуваат љубовни писма на Чарлс Менсон), туку комбинација од иронија, визуелна естетика и колективно играње со идејата за „забранетото“. Социјалните мрежи создаваат култура на перформативно восхитување - каде „лигавењето“ по осомничени кои се случајно и убави е повеќе игра на имиџ отколку реална желба.
Кражбата во Лувр има сè што ѝ треба на една современа сага: мистерија, уметност, Париз и двајца (наводно) убави млади мажи со поглед како од француски филм. Таквите елементи ја поттикнуваат фантазијата на публиката која ги претвора осомничените во ликови, а настанот во сцена од трилер.
Оваа појава открива нешто подлабоко за начинот на кој ја консумираме реалноста, затоа што во време кога и вести и мемиња се естетски филтрирани, дури и злосторствата се претвораат во визуелни приказни за споделување. Не дека интернетот го слави криминалот, ама сигурно го претвора во содржина. А и реално, уште еднаш, жртви нема, украдено е нешто бесценето и тоа не од човек туку од институција - во вакво време кога се молиме за цели нации, лесно е човек да се нашали на таква тема.