Ако најблиските помошници на Бајден не можат да докажат дека претседателот лично учествувал во потпишувањето извршни наредби, важноста на документите треба да биде биде поништена, оцени Комитетот за надзор на Претставничкиот дом по петмесечна истрага. Ова особено важи за низата помилувања што Бајден ги потпиша непосредно пред да ја напушти Белата куќа во јануари годинава.
Извештајот е изработен врз основа на сведочења на повеќе од десетина поранешни функционери од администрацијата на Бајден. Се истакнува дека нема јавно достапни медицински проценки што би укажувале дека Бајден бил ментално неспособен да донесува одлуки или дека неговата ментална состојба им налагала на помошниците да ги извршуваат должностите на претседателот.

Актуелниот претседател Трамп упорно тврди дека помошниците на Бајден го фалсификувале неговиот потпис, па дури и закачи слика од автопенкало наместо претседателски портрет на „Ѕидот на славните“ во Белата куќа.
Автопенкалото е легално. Го користеле и други претседатели, вклучувајќи го и Трамп. Тие се лажговци, изјави Бајден во интервју во јули.
Но, Комитетот соопшти дека открил сериозни празнини во начинот на кој се обработуваат документите што бараат потпис од претседателот и дека имало неколку случаи во кои синџирот на чување бил нејасен, што покренува прашања за тоа како тие документи на крајот биле потпишани.
Издвоена е ситуација во која шефот на претседателскиот кабинет, Џеф Заентс, овластил некого да го користи автопенкалото за потпишување помилувања. Во друг случај, адвокат за етика во Министерството за правда изразил сомневања дали Бајден знаел дека на списокот за помилувања имало и „многу проблематични лица“.

Комитетот, исто така, го обвинува претседателскиот лекар Кевин О’Конор дека играл клучна улога во прикривање на падот на Бајден. Оспорен е лекарскиот извештај од февруари 2024 година во кој се наведува дека Бајден е „здрав, активен, робустен 81-годишен маж, способен успешно да ги извршува должностите на претседателството“, иако не бил спроведен тест за когнитивните способности
О’Конор одбил да биде сослушан пред Комитетот, повикувајќи се на доверливоста на односот лекар-пациент. Комитетот затоа побара од Медицинскиот одбор на Вашингтон да го повика О’Конор на сослушување и, ако е потребно, да изрече дисциплински мерки - санкции или одземање на медицинската лиценца“.
На Министерството за правда му е препорачано да ги испита О’Конор и другите помошници на Бајден осомничени за заговор за прикривање на физичкиот и когнитивен пад на претседателот.
Во мај, Бајден објави дека му е дијагностицирана агресивна форма на рак на простата. Минатата недела завршил циклус на радиотерапија.
******
Види и: Отворена истрага кој бил главен пред Трамп
Кој тоа потпишувал со автоматското пенкало на Бајден?