
Трамп побара две одвоени истраги. Првата се однесува дали некој направил заговор за да ја прикрие од јавноста нарушената ментална состојба на Бајден и дали неуставно му ги узурпирал овластувањата и одговорностите. Втората ќе ги проверува сите извршни одлуки што Бајден ги донесол во завршниот период, со фокус на потпишувањето помилувања. Истрагите ќе ги водат јавниот обвинител Пем Бонди и советникот Дејвид Ворингтон.
Во последните минути пред да му заврши мандатот, Бајден ги ослободи од обвиненија своите најблиските роднини и соработници, вклучувајќи ги синовите, докторот Ентони Фаучи, пензионираниот генерал Марк Мили и членовите на комисијата што го истражуваа нападот врз Капитол на 6 јануари 2021 година.
Когнитивните проблеми на Бајден и неговото нарушено ментално здравје додека беше претседател беа уште полоши отколку што се претставуваше. Луѓето најблиску до него сакаа тоа да го скријат од јавноста, изјави Трамп.
Тој потсети дека најголемиот дел од извршните наредби Бајден не ги потпишал своерачно, туку со „автопенкало“ со кое управуваат други лица директно овластени од претседателот.
(Види: Кој тоа потпишувал со автоматското пенкало на Бајден?)
Потписот на претседателот на САД има огромна моќ: Зборовите на хартија ги прави закон, поставува луѓе на највисоки позиции, креира или укинува политики, ослободува затвореници. Во изминатите месеци станува сè појасно дека помошниците на Бајден ја злоупотребувале моќта на неговиот потпис за да го прикријат неговиот когнитивен пад и да му ја преземат власта. Овој заговор е еден од најопасните во американската историја, пишува Трамп во меморандумот.
Во исто време републиканскиот конгресмен Џејмс Комер најави дека ќе ја прошири истрагата за прикривање на менталните слабости на Бајден. Комер побара да во следните недели да бидат сослушани личниот лекар на Бајден и неговите поранешни советници Ени Томасини, Ентони Бернал, Ешли Вилијамс и Нира Танден.
Бајден категорично ги отфрли обвинувањата.
Да бидам јасен. Јас ги донесував одлуките за време на моето претседателство. Јас донесував одлуки за помилувањата, извршните наредби, законите и прогласите. Сите навестувања дека не сум бил јас се смешни и лажни, соопшти Бајден.