Судијката која истражува мафијашки банди кои го контролираат црниот пазар на кокаин во Антверпен настапува анонимно и вели дека е принудена да се крие четири месеци. Таа бара итна помош од федералната влада да ги заштити судиите, институциите и граѓаните.
Се вкоренија обемни мафијашки структури. Веќе стекнаа паралелна моќ со која ѝ парираат не само на полицијата, туку и на судството. Последиците се сериозни. Дали прераснуваме во нарко-држава? Мислите нема шанси? Според нашиот комесар за дрога, ова веќе се случува, предупредува загрижената судијка на официјалната веб-страница на белгискиот судски систем.
Таа тврди дека мрежите за перење пари преку недвижен имот ја креваат цената на станбениот квадрат. Корупцијата продира длабоко во државните институции, со нудење мито или со заплашување.
Фрлање бомба во нечиј двор, упад во домот или киднапирање лесно се нарачуваат преку интернет. Не треба да одите на даркнет, доволна е само сметка на Snapchat, додаде судијката.
Пристаништето во Антверпен - едно од најпрометните во светот - долго време е главната порта за префрлање кокаин од Латинска Америка во Европа. Царинските и пристанишните службеници се поткупени со огромни суми. Под влијание на трговците со луѓе се политичари и легитимни бизниси.
Во исто време зачестија пресметките и престрелките во Брисел, главниот град на Белгија и на Европската Унија, во кој се седиштата на ЕУ и НАТО. Во текот на оваа година имало повеќе од 60 оружени инциденти поврзани со дрога. Министерот за внатрешни работи Бернар Квинтин, не ја отфрли можноста да повика војници да ѝ помогнат на полицијата во пресметката со криминалот.
Судијката укажува дека институциите прво мора да се справат со корупцијата во своите редови.
Случаите што ги водев во последните години, а јас сум само еден од 17-те истражни судии во Антверпен, резултираа со апсења на вработени на клучни пристанишни позиции, царински службеници, полицајци, општински службеници и, за жал, дури и вработени во правосудниот систем, и во затворите и токму овде во оваа зграда, наведува судијката.