Вештерството и други пагански религиски практики во последниве неколку децении во САД бележат пораст. Како една од причините се наведува тоа што генерациите кои растат во новиот милениум се оддалечуваат од христијанството и другите традиционални религии, но затоа пак се вртат кон астрологијата, таротот, гатање и сл.
Бројот на вештер(к)и, односно Американци кои пратикуваат тн. „вика“, или модерно паганство (мешавина од древни езотерични учења) се проценува на 1.5 милион, што е повеќе од 1.4 членови на американската презвитеријанска црква.
Предхристијанските традиции се ревитализираат од млади луѓе кои бараат повеќе слобода во нивните духовни определувања, а се под влијание и на славните личности кои ја имаат прифатено „вештерската естетика“ наспроти порепресивните христијански убедувања.
Од 1990 до 2008 колеџот Тринити во Конектикат спровел три детални верски анкети кои покажале огромен подем на виканството - од 8.000 викани во 1990, до 340.000 во 2008. Истовремено нагло се намалува паствата во протестанските и католичките деноминации, а неодамнешно истражување покажало дека возрасни под 40 години се поретко изјавуваат дека религијата игра „многу значајна“ улога во нивните животи.
Отфрлањето на мејстрим религиите има оставено голема празнина кај луѓето кои си го бараат душевното чаре во свет во кој е се потешко да се најде смисла. Новото пакување на старите верувања, на кои сега им се одземени сатанистичките и демонистичките аспекти за тие да изгледаат „попитомо“, се чини како ефикасна замена. Меѓу другото и затоа што ја потенцира поврзаноста со природата, а овој еколошки момент добро легнува на „филмот“ на миленијалците. Но вештерството се користи и како форма на политичка ангажираност - преку фрлање клетви на политичари, како онаа која Лана Дел Реј изјави дека му ја фрлила на Доналд Трамп.