Мобилните го намалија криминалот?

Општонародни се муабетите како мобилните телефони ни го уништиле животот и го разориле ткивото на општеството, од дезориентирани родители до исчашени демократии. Но, можеби има нешто за кое треба да им се каже фала. Помалку се гине од маалски бандити.

Нова интригантна теорија вели дека доаѓањето на мобилните телефони ја релативизирало важноста на територијата и цената на нејзиното држење (бранење/освојување) од страна на ривалските урбани банди. Тоа довело до намалување на нивните насилни конфликти и притоа им ги намалило профитите од продажба на дрогите. 

Според проценка на двајца американски истражувачи кои се потпирале на официјални податоци на национално ниво, на проширувањето на мобилните телефони може да им се припише намалување на криминалот меѓу 19 и 29%.

“Мобилните го променија начинот на кој се продава дрогата. Во 80-тите години, градските банди кои продаваа дрога генерираа насилства поврзани со територијата. Мобилните телефони го прекинаа тој линк. Не дека денес не се продава дрога но врската меѓу дилерството и насилството е поинаква“, вели  Лена Едлунд од Универзитетот Колумбија.

Генерално, општиот и систематски пад на нивото на криминал од 90-тите наваму е една од поголемите мистерии на општествените науки. Досега нема излезено уверливо објаснување зошто тоа се случува, иако многумина се обиделе. Ќе се дојде до некое потенцијално решение но само за подоцна, други истражувања да ги побијат претходните тези.   

Во оваа студија биле користени податоци од Федералната комисија за комуникации во врска со проширувањето на мобилната инфраструктура кои се споредувале со базите на ФБИ за насилствата и убиствата. Негативна врска постои секаде, особено во црнечките и латино квартови. Насловот на нивната студија сугерира дека круцијален аспект за разбирање зошто криминалот опаѓа, цело време ни бил пред очи: “It’s the Phone, Stupid: Mobiles and Murder.”

 

 

 

8 јуни 2019 - 07:30